Линкови за пристапност

Контроверзата на законот за верски слободи


Под силен јавен притисок Индијана пристапи на менување на законот за кој критиката тврди дека овозможува дискриминација

Законодавците во сојузната држава Индијана најавија измени во тукушто изгласаниот закон за верски слободи, за да се осигураат дека бизнисите нема да можат да користат за дискриминација на припадниците на ЛГБТ заедниците.

Републиканците коишто ја имаат контролата во легислативното тело на Индијана, рекоа дека прават промени на мерката за да гарантираат дека никој нема да биде во можност да дискриминира против некого, во каква било ситуација.

Сојузната држава и конзервативниот републикански гувернер, Мајк Пенс, по усвојувањето беа жестоко критикувани од страна на групите за заштита на правата на хомосексуалците и директори на компании.

По острата критика, Пенс и законодавците од неговата сојузна држава реагираа брзо за да извршат измени во законот, иако Индијана се воздржа од усвојување на закон со којшто би се заштитиле хомосексуалците од сите форми на дискриминација. Во промените се наведува дека бизнисите во Индијана не можат да вршат дискриминација врз основа на „сексуална ориентација“ или „полов идентитет“.

Критичарите на овој закон тврдеа дека со него на бизнисите би им се дозволило да ги искористат своите верски убедувања против хомосексуалците и да одбијат одредени услуги спрема нив, како кетеринг на свадба на истополов брак, на пример. Во знак на протест за законот, гувернерите од најмалку три сојузни држави, забранија официјални патувања во Индијана.

Контроверза околу употреба на законите за верски слободи против хомосексуалците има и во сојузната држава Арканзас, каде гувернерот Аса Хачинсон изјави дека се предомислил и дека нема да потпише сличен закон и од изготвувачите бара да направат промени.

Федералниот закон, којшто првично имаше за цел да ги заштити верските малцинства во САД, беше креиран за да се заштити ритуал на домородните Американци што инволвира употреба на халуциногено растение.

Дваесет други сојузни држави досега усвоиле мерки за верски слободи, слични на федералниот закон од 1993 потпишан од тогашниот претседател Бил Клинтон, поранешен гувернер на Арканзас.

Контроверзата околу повикувањето на законот за верските слободи, се интензивираше откако САД почнаа со поголемо прифаќање на истополовите бракови, коишто сега се легални во 37 од 50-те сојузни држави. До крајот на јуни, Врховниот суд се очекува да донесе одлука за тоа дали истополовите бракови треба да бидат легални низ целата држава.

XS
SM
MD
LG