Стручњаците се прашуваат кои се опозиционерите и таканаречениот Транзиционен национален совет – што е вид на влада во сенка за бунтовниците.
Марк Гинсберг е поранешен американски амбасадор во Мароко. Тој вели дека се знае оти тие имаат различно идеолошко и религиозно потекло. Транзициониот национален совет е големa и комплицирана група од над 130 членови, објаснува тој:
„Во групата се исламисти кои се концентрирани во Бенгази, секуларни државјани кои се приклучиле на револуцијата и биле дел од движењето на 17-ти февруари, а се знае и дека некои од членовите на советот се поранешни членови на владата на Гадафи како и на неговата армија“.
Но, Гинсберг вели дека Транзициониот национален совет не е претставничко тело по ниеден критериум.
„Бидејќи во Либија имате практично 140 племиња и кланови, најголем дел од тие племенски лидери не се приклучија на Транзициониот национален совет. Многу од нив чекаа да видат кој ќе победи, и сите тие имаат нивни сопствени независни центри на моќ“, вели Гинсберг.
Многу држави, вклучувајќи ги и САД, го признаа советот за легитимна влада на Либија.
Но амбасадорот Гинсберг вели дека политичката сцена после Гадафи може да стане многу сложена.
„Сите револуции се замрсени. Ќе има заемно обвинување. Борба за власт. Не се појави лидер од типот на Нелсон Мандела во Либија. И тоа секогаш е проблем. Кога имате револуција без јасен лидер, секогаш има вакуум во моќта“, вели тој.
Експерти, вклучувајќи го Пол Роџерс од Универзитетот Брадфорд во Британија, вели дека има голема можност за одмазднички убиства во Либија во време на тој вакуум на моќ.
„Веќе имаше извештаи за одмазднички убиства и тоа не малку, иако тие не влегоа во масовните медиуми на голема врата. Ако има такви, тогаш помирувањето и стабилизирањето на ситуацијата ќе оди многу потешко. Еден од проблемите на НАТО таму е да ги спречи таквите“.
Предизвиците што стојат пред Транзициониот совет амбасадорот Гинсберг вака ги дефинира:
„Најважно за новата влада е безбедноста, сигурноста, превенција на грабежи и на одмазднички убиства. Треба да се направи естаблишмент на ред и закон во поголемите градови и државата да се доведе до точка на усвојување устав за кој ќе се гласа и кој ќе биде прифатен“.
Експертите велат дека тоа ќе е тешко да се постигне заради фактот што либиската опозиција е далеку од обединета.