Линкови за пристапност

Не стивнуваат реакциите на празничниот говор на премиерот Груевски


Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски
Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски

Коментира опозицијата, аналитичари, писатели...

„Груевски на Мечкин камен, голем дел од својот говор посвети на величење на лустрацијата што ја спроведува оваа власт како механизам за пресметка со неистомислениците. Во ваквиот настап на премиерот, препознаваме потреба за оправдување пред македонскиот народ за лустрациската политика што ја спроведува токму оваа власт, а која се претвори во разединувачка и поткопувачка за македонското национално ткиво. Неводејќи сметка за потребата од обединувачка порака и подавање рака како секоја сериозна власт, барем на овој ден, Илинден, како на партиски митинг, Груевски се реши и во овој говор да ја демонизира опозицијата, со низок партиски речник, на сметка на себевеличење. Со тоа, не одговори на обврската да настапи како премиер на сите граѓани на Македонија“, стои во соопштението на опозицискиот СДСМ, по повод говорот на премиерот на централната манифестација на Мечкин Камен, каде се чествуваа 110-те години од Илинденското востание и 69-те години од Првото заседание на АСНОМ.

СДСМ реагира дека „во говорот на Груевски, за жал, нема надеж за очекувањата на големото мнозинство граѓани на Македонија кои сакаат да ја видат земјата во ЕУ и НАТО“, и потенцира дека тој „се потсмевал и со политиките на ЕУ, квалификувајќи ги нивните сериозни забелешки за судството и демократијата во Македонија како провидно алиби“.

СДСМ изрази загриженост дека таквите, раскарувачки политики со меѓународната заедница и` одат во прилог на Грција, која актуелната власт ја посочува како единствена пречка на евроатлантската интеграција на Македонија.

„Единството ни е потребно како никогаш досега. И покрај говорот на премиерот што не води кон тоа, СДСМ ги повикува сите граѓани на Македонија, да се обединиме околу идеалите на Илинден и АСНОМ, идеали на слободата за која копнееле генерациите во минатото, а ни е потребна и нам денес“, се вели во соопштението од СДСМ.

Во илинденското обраќање, премиерот Груевски најави дека дека следуваат моменти во кои сите во Македонија ќе се соочат со голем број предизвици чија цел ќе биде раслојување на македонското национално ткиво, „внесување немир, вознемиреност, можеби и фрустрација и чувство на девалвација кај Македонците“. Според Груевски, во следниот период ќе провоцирале „разни структури, домашни и однадвор“, кои ќе работеле на разбивање на кохезијата на македонскиот народ. Тој беше дециден дека “секој обид за доведување под прашање на легитимитетот на ова што го говорам, за оспорување на легитимитетот на нашите политики, ставови, позиции и гледишта, момент што би стимулирал поделби или каков било момент што засега негативно во суштинските прашања од државен интерес, ќе биде пресретнат во заедничка поткрепа со народот!”

Во говорот Груевски побара збивање на редовите и чување на грбот, без разлика на етнички, верски и политички поделби. “Но, сакам да кажам и дека ние како политичка структура, имаме одговор и секое оспорување на нашиот легитимитет за суштинските прашања ќе добие одговор, за кој сум сигурен дека ќе нѐ доведе до нов успех и победа, затоа што со народот заедно дејствуваме”, рече Груевски.

И додека во денешна „Нова Македонија“, колумнистот Сашо Клековски изјавува дека е сосема логично илинденската изјава на Груевски да се толкува и како најава за евентуални парламентарни избори, универзитетскиот професор Јове Кекеновски потенцира дека Груевски не упатил дневнополитичка порака, туку „национален политички акт на кој Заев и Ахмети треба да дадат поддршка“.

„Сметам дека премиерот од Крушево ни објасни дека конечната одлука за тоа како да го надминеме спорот за името што го имаме со Атина нема да ја донесат политичарите, туку народот. Верувам оти постои клима што ќе ни дозволи граѓаните да бидат последните што ќе одлучат како да го решиме проблемот за името“, вели Кекеновски за весникот и додава дека „клучот за решавање на спорот е во Брисел и во Вашингтон, кои треба да вршат притисок на двете страни, бидејќи без евроатлантската интеграција на земјава нема напредок“.

На ставовите од илинденскиот говор на премиерот, претходно реагираше и Либералната партија, според чие соопштение, Груевски со изјавите во кои се препознава „меѓународен заговор против Македонија“ и, наспроти тоа, „неспособност на политичките сили во Македонија да обезбедат единство на македонското општество“, ги затвора можностите за поизвесна и подобра иднина на македонските граѓани.

„Тој тоа го илустрира со неразбирањето на нашите проблеми од меѓународната заедница, неможноста да се реши спорот со Грција, со неговата недоверба кон главниот коалиционен партнер во Владата, со одбојноста што ја манифестира кон опозицијата“, се вели во соопштениeто на ЛП. Според либералите, сите партии кои ќе ја следат ваквата логика на премиерот, ќе ја делат одговорноста „за натамошното одложување на клучните решенија и за враќање на земјата во зоната на нестабилноста“.

И претседателот на политичката партија Достоинство, Стојанче Ангелов, бранител од 2011, ја обвини владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ дека го присвоила државниот празник Илинден. “Сакаме само да ја изразиме нашата огорченост од партизацијата на овој голем македонски празник, затоа што сметаме дека прославата на Илинден е партизирана, сметаме дека Илинден е празник на сите македонски граѓани без разлика на нивната национална и верска припадност”, изјави Ангелов.

На Илинденскиот говор на премиерот Груевски, во медиумите реагираше и неодамна лустрираниот академик Божин Павловски, според кого, во вториот дел на говорот, премиерот развил полемика „со противниците на антиквизацијата, споменикоманијата, лустрацијата, со критичарите на неговите патувања во далечните земји, како и неговите виртуелни реформи“, и им испратил пораки и „на непопустливите Грци“, и на „оние од меѓународната заедница дека е подготвен дури и лично да се ангажира околу мачниот проблем со името“.

Споредувајќи го со говорот на Слободан Милошевиќ на Газиместан во 1988-ма година, Павловски, по повод говорот на Груевски прашува: „Каде беа неговите многубројни советници да му укажат дека светиот Илинден не е ден за пресметки со неистомислениците?“. Но, и констатира дека „во развиените демократии власта не им се заканува на критичарите, затоа што тие ја одржуваат чесна и одговорна. Да пристигнеш на Мечкин Камен со толку убава жена што те води под рака, и да одржиш толку грд заканувачки говор на самиот национален празник, значи дека си го изгубил компасот“.

Во услови кога МАНУ апелираше контроверзниот и оспоруван процес на лустрација да се спроведува согласно стандардите од Европската конвенција за човекови права, а во медиумите се отвори полемика дали лустрацијата се спроведува спротивно на принципите на европското право - селективно и необјективно, задоцнето, и со фокус врз далечното минато и врз ексфункционери, па и починати лица - премиерот во својот празничен говор кажа дека „лустрацијата е процес кој е значаен за општеството и ја ужива поддршката од јавноста, и покрај сите обиди на некои структури да се спротивстават или да го оспорат“. Според него, лустрацијата е болен процес, но мора и ќе биде направен, и од тој процес - Македонија ќе излезе уште посилна и поединствена, ослободена од тежина.

Тој беше дециден дека со процесот не се уриваат постулатите на асномска Македонија. „Како може да се нарушат принципите на асномска Македонија, кога луѓето кои ја создадоа асномска Македонија и кои денес ги славиме, како Методија Андонов-Ченто, Панко Брашнаров, Владимир Полежина, Бане Андреев, Петре Пирузе Мајски и илјадници други беа малтретирани, затворани и шиканирани и испратени на Голи Оток и по затворите, токму од тој ист режим кој преку лустрацијата сакаме да го демаскираме?“, истакна Груевски.

Но, според писателот Димитар Башевски, начинот на кој се спроведува лустрацијата е спорен и од правен, и од вредносен аспект, а со лустрирање само на видни творци од повоениот период, се удира по виталните точки на македонската национална и државна опстојба. Тој за Радио Слободна Европа изјави дека „окуражени од самиот државен врв, луѓето од Комисијата за лустрација, но не само тие, еден број луѓе, некритични, врзани за дневните интереси со власта, негираат речиси сè што е создадено во изминатите децении по војната, тврдејќи безмалку дека македонската државност почнала во последните седум години! Тоа се, се разбира, наизглед бесмислици, меѓутоа се редат во некој систем и во некој ред, опасен за самата наша национална, државна и културна егзистенција. За луѓето од страна, ова може да звучи чудно кога се случува во 21 век, но знаејќи ја македонската историска заднина, можат да се извлечат објаснувања и за денешните процеси и збиднувања“.
XS
SM
MD
LG