Линкови за пристапност

Прокламацијата на Мичиген за македонско наследство ги крши принципите на американската демократија, смета бугарската заедница


Септемвриската прокламација на гувернерката Гречен Витмер требаше да ги вклучи и македонските Бугари за да биде фер, вели професорот на Универзитетот на Синсинати Иван Динев Иванов
Септемвриската прокламација на гувернерката Гречен Витмер требаше да ги вклучи и македонските Бугари за да биде фер, вели професорот на Универзитетот на Синсинати Иван Динев Иванов

Бугарската заедница во Мичиген вели дека прокламацијата на гувернерката Гречен Витмер за наследството на македонските Американци ги прекршила клучните принципи на инклузивност и недискриминација врз кои била изградена американската демократија, оти со неа се негирале македонските Бугари и нивното неотуѓиво право на самоидентификација.

Бугарската заедница ова го пишува во посебно писмо до гувернерката, покрај она на генералниот конзул на Бугарија во Чикаго Светослав Станков, кој неодамна побара средба со тимот на гувернерката за да нашол решение за заштита на наследството на македонските Бугари во Мичиген.

Мичиген во септември донесе прокламација во која пишуваше дека е важно да се истакне придонесот и културното влијание на македонските Американци, кои придонесуваат за американската култура преку „бизнис, спорт, уметност, политика, медицина, право, култура, кулинарски вештини и бројни други области“.

Септемвриската прокламација веќе не може да се најде на веб-страницата на гувернерката на Мичиген.

Гласот на Америка побара коментар за писмото и од бугарскиот конзул и од гувернерката на Мичиген, но досега нема одговор.

Членот на бугарската и македонско-бугарската заедница, професорот на Универзитетот на Синсинати, Охајо, Иван Динев Иванов, вели дека причината зошто било побарано да се повлече прокламацијата била оти неколку изјави во неа биле непрецизни и проблематични, а не оти Бугарите биле против да се слави наследството на македонските Американци.

Според него, документ во кој експлицитно би се спомнале и признале македонските Бугари, заедно со другите Македонци и македонски Американци, би бил попрецизен, поправеден и поинклузивен од оној што бил објавен.

„Во првата изјава се тврди дека македонската имиграција во САД трае повеќе од еден век. Иако е точно дека имигрантите од географскиот регион на Македонија пристигнуваат во различни делови на Соединетите Американски Држави, вклучително и во сојузната држава Мичиген, прогласот не појаснува дали овие имигранти се идентификувале како етнички Македонци или имале друг идентитет - на пример, бугарски, албански, грчки и други. Секој обид да се претстави оваа имиграција како етнички Македонци ќе биде дискриминација на овие луѓе врз основа на нивното етничко или национално потекло“, вели Иванов.

Тој реагира и на делот во прокламацијата каде се вели дека се проценува оти има „над половина милион Американци со македонско потекло кои живеат во САД“.

„Сметаме дека ова тврдење е неточно и неосновано ако се однесува само на етничките Македонци. Затоа, кога се користи терминот „македонски“ потребна ни е прецизност и појаснување што се однесува на идентитетот на имигрантите кои пристигнуваат од регионот на Македонија во САД за да се избегнат неточни и погрешни толкувања и заклучоци“.

Иванов вели дека со „дијалог и соработка помеѓу македонско-американската, бугарско-американската заедница, (вклучувајќи ја и македонско-бугарската заедница), можеме да поттикнеме инклузивност, взаемно почитување и добри меѓузаеднички односи во САД кои можат да послужат како пример за Бугарија и Северна Македонија да постигнат помирување и да ја зајакнат соработката и добрососедските односи меѓу овие два народа и нивните многу блиски општества“.

Бугарија минатата година испрати унилатерална изјава до земјите членки на ЕУ дека македонски јазик не постои, и оти се работи за дијалект на бугарскиот јазик.

Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во промеморија за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ во 2020 година пишува:

- македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе вековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор;

- македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години).

- македонскиот народ ја искажувал и ја докажувал научно посебноста на својот историски, културен, јазичен, политички идентитет во континуитет, а особено во текот на 19. и 20. век, во текот на својата борба за национално ослободување и државно осамостојување, како и во рамките на македонската република во составот на југословенската федерација (1945 - 1991), односно во рамките на независна и суверена Република Македонија (1991 – 2019).

XS
SM
MD
LG