Линкови за пристапност

Искинати кебиња, дотраени душеци и влага во дел од затворите во Северна Македонија


Ова се забележува во најновиот извештај на Народниот правобранител, во кој се истакнува дека не постојат ниту посебни простории за самица

Во затворите во Северна Македонија нема соодветни услови за престој на затворениците. Констатирано е дека истите не ги задоволуваат ниту минимум предвидените стандарди, а нефункционалниот систем на здравствена заштита уште повеќе го отежнува издржувањето на казната.

Ова го посочува Народниот правобранител во најновиот извештај, во кој се става акцент на казнено поправните установи во Гевгелија и Тетово.

„За време на посетата на притворското одделение во Гевгелија, очигледно беше ниското ниво на хигиена.Тимот на Народниот правобранител констатира непроветрени простории, високо ниво на влажност, кревети со нечисти и искинати кебиња и дотраени душеци. Покрај ова, во просториите нема систем за сигнализација, поради што притвореното лице во случај на потреба за контакт со службеното лица е принудено да вика или да тропа на врата. Во разговор пак со лицата, добиени се информации и дека во вакви случаи многу често не наидуваат на одговор“, вели Васка Бајрамоска, заменичка на Народниот правобранител.

Беше посочено дека овој затвор не располага ниту со посебни простории за издржување на дисциплинска казна самица, поради што осудените лица, на коишто им била изречена ваква казна, се сместувалe во притворски простории, со што доаѓало до мешање со лицата што издржуваат мерка притвор.

„Истата состојба Народниот правобранител ја нотира и во затворот во Тетово, каде нема посебни простории за самица, па лицата се сместуваат заедно со ново примените осудени лица во приемно одделение“, вели Бајрамоска.

Оваа институција посочува дека и во двата затвора има недостиг од стручен кадар, особено во затворската полиција, каде што нема службено лице од женски пол, што e проблем во услови кога треба да се изврши претрес на женски лица.

Народниот правобранител ги посочува и проблемите со кои се соочуваат лицата бегалци, кои транзитираат низ територијата на Северна Македонија.

Оттаму велат дека при посетата на Прифатните центри Винојуг, Табановце, Центарот за странци, Прифатниот центар за баратели на азил и Безбедната куќа за сместување на ранливи категории лица, било констатирано дека продолжува праксата на неформално протерување и колективни депортации на бегалците/мигранти, неинформираноста на задржаните лица за причината за нивно задржување во Прифатниот центар, како и нецелосно и неблаговремено информирање за процесот на нивно присилно враќање.

„Во 2018 година, вкупно 297 лица поднеле барање за азил, при што официјално, на 83 лица со решение им е запрена постапката, поради напуштање на земјата. Само на две лица им е признат статус под супсидијарна заштита, кои заедно со своите малолетни деца се вклучени во процесот на интеграција. Меѓутоа, неспорно има проблеми во однос на реализацијата на планот и програмата за интеграција на лицата бегалци во Република Северна Македонија, за што кај Народниот правобранител се води постапка за заштита“, велат од канцеларијата Народниот правобранител.

Обдусманот уште констатира и променлив број лица кои престојуваат во двата транзитни центра во Табановце и Гевгелија. Многу од нив биле деца, меѓу кои имало и малолетници кои не биле придружувани од никого.

„И оваа година има сериозен проблем во однос на постапувањето со малолетните лица, затоа што наспроти донесените стандардни оперативни процедури за постапување со непридружувани малолетници, во пракса откако им се определува старател од Центрите за социјална работа, најчесто старателите немаат податок каде им се штитениците, односно кога ја напуштиле земјата и каде се упатиле, а образложение е дека Прифатните транзитни центри и Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово се од отворен тип, без ограничување на слободата на движење“, велат од оваа институција.

Обдусманот во својот осми годишен извештај ги посочува и несоодветните инфраструктурни услови во дел од полициските станици во земјава, како и недоволната информираност на полициските службеници за прашања од областа на азилот.

Извештајот за состојбите во земјава, Народниот правобранител ќе го достави до надлежните државни органи и меѓунардни институции.

Бајрамоска вели дека институциите начелно ги прифаќале нивните препораки, но, оти во пракса не ги спроведувале, особено ако нивната имплементација е поврзана со обезбедување на финансиски средства.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG