Линкови за пристапност

Одложувањето на преговорите со Северна Македонија е политички и морално погрешно, рече словенечниот претседател Пахор


Тој нагласи дека Владата на Словенија ќе направи се` за да се деблокира процесот во текот на нејзиното претседавање со ЕУ, кое го презеде вчера

Проширувањето на Европската Унија со Западен Балкан е геополитичко прашање од највисок приоритет, а самите држави од регионот треба да го забрзаат спроведувањето на реформите и мерките, порача од Охрид претседателот на Словенија Борут Пахор, која од први јули го презеде претседателствувањето со ЕУ.

Според него сепак побрзото проширување со земјите од регионот е од витален интерес на Унијата.

„Би било најдобро ЕУ да ги вклучи сите земји од Балканот во својата статегија на проширување. Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан се повеќе станува временски критично прашање. Забавувањето на проширувањето ја ослабнува довербата во ЕУ во овој регион, остава простор за национализам и за влијание на трети земји. Побрза интеграција на земјите од Западен Балкан ќе ги поткопа наивните, но, опасни идеи за промена на граници. Затоа ги одбивам сите идеи за промена на границите. Одложувањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија не е разумно. Не само тоа, туку е и политички и морално грешно. Со ова се поткопува авторитетот на ЕУ“, рече Пахор.

Тој вели Владата на Словенија ќе направи се` за да се деблокира процесот во текот на нивното претседавање со ЕУ.

Доколку ЕУ не се прошири со земјите од Западниот Балкан, нема да биде завршен европскиот проект за целосна Европа, рече Пахор, кој кажа дека САД се потребни како партнер.

Претседателот Стево Пендаровски упати критики до ЕУ за бавниот процес на интеграција на земјите од регионот.

„ЕУ не е способна сама да предводи. САД не би сакале да предводи сама, а регионалните елити не се заинтересирани, не би сакале да направат напори за темелна промена на нашите општества. Конечниот резултат е дека Западниот Балкан, особено во минатата деценија, заостанува во економска смисла зад ЕУ, и повеќе отколку во претходната деценија, а Вашингтон е тука само да регистрира и да сведочи за падот на сите демократски индикатори. Во демократска смисла Западен Балкан е поназад отколку што беше 10-15 години“, рече Пендаровски.

Тој вели дека граѓаните сакаат да видат напредок на нивните општества.

„Во следните три, пет, десет години сакаме да ги забавиме негативните процеси кои ќе следат на празнење на регионот, затоа што најдинамична млада сила го напушта регионот, а ние ќе немаме никој на кој ќе можеме да се потпреме за да видиме вистински напредок на нашите општества. Без комбинација на нашите визии и проекти, не можеме да успееме“, рече Пендаровски.

Вршителот на должност помошник -државен секретар на САД Филип Рикер, рече дека во изминатите 20 години е направено многу по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, и пред три години и Договорот од Преспа.

Доаѓањето во Охрид е уште една потврда за заложбата на САД за целосно интегрирање на Западниот Балкан во европското семејство.

„Историјата може да не` води, но, географијата е реална и не може да се смени. Што можеме да очекуваме од Вашингтон? Изминатиот месец јуни е добра илустрација за надворешната политика за администрацијата на Бајден. Тоа е континуитет на политика која ја спроведуваме со децении“, рече Рикер, и додаде:

„Сите знаеме дека кредибилитетот и влијанието на ЕУ во регионот сега е на многу ниско ниво. ЕУ и сите 27 држави членки мора да работат одновно да го воспостават тој кредибилитет во Западен Балкан.Треба јасно да им се каже на лидерите во регионот и на народот дека реформите што се спроведуваат водат кон европска интеграција. Неодлучноста и неконзистентноста на ова прашање ги заслабнува напорите и на САД и на останатите во овој регион, и им одговара на оние кои сакааат да создадат несогласие во трансатланската заедница. Одлуките на ЕУ да започнат преговори со Северна Македонија и Албанија беа инсиративни, но, сега нема кредибилитет доколку не се преземат конкретни чекори за почеток на преговорите. Се надевам дека ЕУ ќе ги одржи меѓувладините конферецнии со двете земји“.

Тој предупреди на опасноста која доаѓа од Русија.

„Се спомена дека Руската федерација ја користи историјата на Балканот и историјата на поделби. Зависноста од руската енергија и влијанието на Православната Руска црква, со што Русија успева да го поткопа доброто владеење и да ги спречи реформите, кои им овозможуваат на овие земји да се приклучат кон Западот. Пораката на претседателот Бајден во јуни на самитите, беше дека силно правиме напори и заложби во Западниот Балкан“, истакна Рикер.

Претседаделот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ рече дека во последните години земјите од Западниот Балкан добивале и добри и лоши вести.

„Црна Гора и покрај силната опструкција на Русија во 2016 година успеа да влезе во НАТО. Потоа, благодарение на разрешувањето на спорот со Грција, од таму успеа да помине и Северна Македонија. Лошите вести се дали ние сакаме или не сакаме да си го признаеме тоа, имаме застој во политиката на проширување на ЕУ кон Западниот Балкан. Денес логично зборуваме за падот на евроентузијазмот во Западен Балкан.Таквата политика доведе до пенетрација на интересите на трети страни на Западен Балкан. Но, јас тоа го сметам за очекуван и дефинитивно легитимен интерес. За да се избегне тоа Европа мора да биде поприсутна на Западен Балкан“, рече црногорскиот претседател.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG