Линкови за пристапност

Слабата излезност на претседателските избори e порака


Последните претседателски избори се со историски најмала излезност на граѓаните откако во Северна Македонија се бира претседател на државата на овој начин. Во 1994 правото на глас го искористиле 77,76% од запишаните граѓани во избирачкот список, додека во 2014 гласале 48,86%. Со најновите избори падот е најголем до сега, со само 41,82%. За дел од експертите кои ги консултираше Гласот на Америка, малата излезност и тесната разлика меѓу двата кандидати е силна опомена за политичките елити.

Зошто граѓаните не излегоа?

За Александар Кржалоски, извршен директор во Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), политичките партии треба да се замислат како го практикуваат владеењето и делувањето во политиката.

​„Најголемо изненадување е малата излезност иако јас мислев дека ќе се постигне излезност барем до 45-50% уште во првиот круг, но дека ќе е проблем цензусот. Но, се покажа дека разочарувањето на граѓаните е преголемо во моментот и од едната и другата и третата партија, да не речам од сите партии. Затоа генерално треба да се замислат самите партии зошто е тоа така и зошто граѓаните решија да не излегуваат на овие избори, без разлика на сите можни оправдувања дека се само претседателски избири, дека тешки компромиси се направиле за договорот за името со Грција, за амнестиите. Јасно дека сето тоа влијаеше, но одзивот е толку мал што зборува генерално за голема недоверба во политичките партии и во самиот политички процес“, вели Кржалоски.

Владимир Божиновски, политички аналитичар и програмски директор на Институтот за политички истражувања – Скопје, вели дека и анкетите кои претходно ги правеле покажале дека разликата меѓу кандатите ќе биде мала.

„Затоа и не беше некое изненадување, но можеби разликата беше уште помала од таа што се предвидуваше, иако останува во рамките на маргината на грешка. Ако се предвидуваше разлика од околу 25 илјади гласови, таа на крајот излезе околу 4500. Она што потфрли е излезноста, бидејќи сите очекуваме за 3-4 пати поголема излезност. И тоа ќе биде поттикнувачки фактор за постигнување на цензус во вториот круг. Сега можеме пооптимистички да очекуваме да се надмине цензусот“.

Мобилизирање на апстинентите

И Кржалоски и Божиновски сметаат дека интересно ќе биде да се види што ќе се случува во вториот круг од претседателските избори на 5-ти мај.

„Заради блискоста на резултатите, и двете партии да ги придобијат гласачите на своја страна и да издејствуваат поголема излезност во вториот круг, но сега уште потешко е да се предвиди исходот. Ќе биде интересно до крај. Особено ќе се следи како ќе се постават партиите Беса и Алијанса, кои го имаат третиот кандидат кој освои значителен број на гласови кои можат да бидат одлучувачки, но и партијата ДУИ, која мислам дека тивко бојкотираше во првиот круг, колку од своите поддржувачи сега ќе ги мобилизира“, вели Кржалоски.

„Според мене најголем дел од гласачите на Река ќе си останат дома, додека за еден дел се разбира зависи од понудата. Интересно е што Силјаноска и Река имаат многу слична понуда, многу слични заложби, а и двајцата кандидати се од опозицијата. Може да се очекува дека дел од тие гласови ќе отидат кај Гордана Силјаноска, но можеби дел од тие гласови ќе отидат и кај Стево Пендаровски. Не е ситуацијата толку едноставна. Она што е најважно од се` е дека не се доволно гласовите од Река. За постигнување на цензусот ќе се мора да се мобилизираат дополнителни 50 илјади гласа од неалбанскиот кампус“, вели Божиновски.

На својот профил на Фејсбук, пратеникот на СДСМ Мухамед Зеќири победата на неговата партија ја нарече „горчлива“:

„Горчлива победа. Резултатот е поука за сите нас. Граѓаните знаат да наградат, а и да казнат. Посебна честитка до гласачите Албанци кои дадоа поддршка за Стево Пендаровски, како и за извонредниот резултат и поддршката што ја доби кандидатот Блерим Река. Граѓаните Албанци јасно демонстрираа дека е дојдено време од политичката сцена да се пензионира голем дел од политичката елита на Албанците во Република Северна Македонија. Време е и за (барање) одговорност од дел од функционерите од нашата СДСМ“, напиша Зеќири.

Локалните избори - огледало на националните

Напоредно со претседателските избори се одржаа и локални избори за градоначлник во општините Охрид, Дебар и Ново Село. Дебар доби нов градоначалник, Хекуран Дука од ДУИ, а во Охрид и Ново Село ќе има втор круг. Во Охрид на 5-ти мај за градоначалничкото столче ќе се тркаат кандидатите на СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ, Константин Георгиевски и Митре Милошоски.

„Народот е презаситен од вакви политики. Многу очекувања во минатото беа изневерени, се` помала е вербата во политичарите. Едно од најчестите прашања кои ги слушав кога одевме по домовите на охриѓани беше: Со што ќе ме убедиш дека нема и ти да ме излажеш како и претходниците што ме излажаа? Тоа е една од причините што народот во мал број излезе на овие избори“, рече Милошевски кандидат за градоначалник на Охрид од ВМРО - ДПМНЕ. ​

​„Имаме реални планови за доброто на сите граѓани, ги препознаваме приоритетите за развој на Охрид и цврсто сме определени да одиме напред, да работиме посветено за да ги постигнеме и реализираме сите зацртани цели во нашата Предизборна програма. ... Нашата намера е чесна“, рече Георгиевски, кандидат од СДСМ.

Иако разликата во првиот круг беше во полза за кандидатот на СДСМ со 2423 гласа, очекувањата се дека во вториот круг одлучувачки ќе бидат околу 3200 гласови кои ги освоија останатите тројца кандидати како и 1256 неважечки ливчиња. Исто така и на локалните избори во Охрид во однос на редовните избори пред две години, бројките на освоени гласови покажуваат пад што се толкува како намалување на довербата во двете најголеми партии и на локално ниво во Охрид.

Овие избори ја покажаа и помалата излезност во средините со доминантно албанско население. Во Охрид излезноста беше 53,81%, а во Струга 31,73%.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG