Линкови за пристапност

40 препораки од ЕУ за подобрување на ситуацијата во судството


40 препораки за тоа како да се подобри ситуацијата – тоа содржи извештајот на Оценската мисија на Европската Унија која го скенираше функционирањето на Судскиот совет – тело клучно за градење независно и професионално судство. Наодите на мисијата, кои денеска во Скопје ги презентираше евроабасадорот Гир, следат по мониторингот што беше извршен во Советот по низата скандали кои ја тресеа оваа институција – од повелкување на една претседателка, смена на нејзината наследничка, оставки на членови...

ЕУ со препораки за подобрување на состојбата со Судскиот совет
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:28 0:00

Од 40 препораки 17 може на краток рок да се импелементираат – и се однесуваат на унапредувањето на судиите и на транспарентноста. За останатите 23 препораки неопходни се уставни или законски измени и тие ги опфаќаат прашањата кој се може да биде член на Судскиот совет, колкав треба да биде мандатот на членовите на ова тело...

Евроамбасадорот извештајот го нарече добар, сеопфаен, со сериозни препораки за чие имплементирање според Гир, потребна е политичка волја.

Ситуацијата со судскиот совет беше една од главните причини за заклучокот во последниот извештај на Европската комисија за земјава дека „во делот на судството нема напредок“.

„Судскиот совет треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание. Контроверзното разрешување на Претседателот на Судскиот совет покрена загриженост за несоодветно политичко влијание“, пишува во извештајот на ЕК.

Паралелно со објавувањето на наодите на Оценската мисија, во Брисел заседава Советот за општи работи на кој, според нацрт-заклучоците, министрите за надворешни и европски работи на земјите-членки само формално ќе утврдат дека Северна Македонија не ги исполнила условите за отворање на преговарачките поглавја.

Се очекува дека ќе се потврди дека Унијата е подготвена да свика меѓувладина конференција, без дополнителни одложувања, штом Северна Македонија ги спроведе уставните измени, процес заглавен во парламентот поради отсуството на поддршка и од опозицијата.

„Да останеме пак да чекаме поради неодлучноста и личните интереси на еден човек или на дел од една политичка партија. Верувам дека тоа треба да го направиме“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Извесно е дека во заклучоците од Советот за општи работи, покрај незавршените уставни измени, ќе се најде и судството – област во која Брисел од Скопје очекува да испорача независност, професионалност и непристрасност, како и доследна борба против корупцијата и организираниот криминал.

XS
SM
MD
LG