Линкови за пристапност

Повлечени дополнувањата во Законот за културното наследство, оценката за археолошки локалитети нема да ја прават инженери


Археолозите излегоа на протест откако во Собранието дојде предлог за дополнувања во Законот за заштита на културното наследство, а со кои се предвидуваше при изградбата на новите автопатски делници да не се известуваат надлежните институции за случајно откриен локалитет
Археолозите излегоа на протест откако во Собранието дојде предлог за дополнувања во Законот за заштита на културното наследство, а со кои се предвидуваше при изградбата на новите автопатски делници да не се известуваат надлежните институции за случајно откриен локалитет

Археолозите негодуваа што одлуката и проценката за потенцијално археолошко наоѓалиште на трасите од новите автопатски делници се става во рацете на надзорен инженер, наместо на стручни лица за археологија

Група пратеници ги повлекоа предлог-дополнувањата за Законот за заштита на културното наследство, со кои на фирмата изведувач на патните коридори осум и 10-д ѝ се овозможуваше полесно да гради и во случаи ако се наиде на археолошки локалитети на трасите за новите автопати.

Повлекувањето доаѓа откако археолозите упатија предупредувања дека прескокнувањето на процедурите за стручна оценка за потенцијалните археолошки пронајдоци на местото на изградбата на делниците, може да доведе до уништување на значајно светско културно наследство.

„Нема потреба да се менува постоечкиот закон. Доколку се прифатат предложените дополнувања, тогаш само би се легализирало уништувањето на културното наследство, и тоа под покровителство на државата“, предупреди Орданче Петров од Македонското археолошко друштво.

Според дадени дополнувања, изведувачот повеќе не би имал обврска да ги извести надлежните институции, ниту полицијата доколку се наиде на потенцијален археолошки локалитет. Единствена обврска што беше наведена во предлогот беше за евентуалното откритие да се извести надзорниот инженер, наместо надлежната институција.

„Како може надзорен инженер да има познавања од археологијата или да препознае некој археолошки локалитет, остатоци, движни или недвижни. На пример на трасата Прилеп – Битола, се очекува наоѓање праисториски локалитети, коишто се навистина тешки да се детектираат со слободно око на некој што не ја познава стручно тематиката. Сето тоа ќе биде збришано“, реагира Кристина Бицева од ИКОМОС Македонија.

Археолозите бараат да се дадат точни планови за местата низ кои би поминувала трасата од делниците на коридорите осум и 10-д и веднаш да се извршат археолошки истражувања, пред да се почне со изаградба.

„Секаде во светот е пракса каде што има инфраструктурни проекти, прво се вршат археолошки истражувања, се документира сè што е потребно, па дури и ако нешто значајно се открие, тогаш и се поместува трасата. Во минатото имало пракса на пресекување локалитети. Но, мислам дека тие времиња треба да останат зад нас, а сега да се посветиме на грижа и промоција на културното наследство“, вели археологот Гоце Павловски.

Во пакетот законски измени, чија процедура за носење по брза постапка почна во Собранието со цел да се реализира договорот со корпорацијата „Бехтел и Енка“ влегоа и Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за шумите, Законот за работните односи, Законот за минерални суровини, Законот за експропријација.

Коридорот осум ги опфаќа делниците Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан. Коридорот 10-д се однесува на делницата Прилеп – Битола.

XS
SM
MD
LG