Група од осум арктички држави, вклучувајќи ги САД и Русија потврдиja дека се посветени на „одржување на мирот, стабилноста и конструктивната соработка“, како и на благосостојбата на оние кои живеат околу Арктикот.
Во заедничката изјава издадена по состанокот на министрите за надворешни работи во Финска, членките на Арктичкиот совет исто така се заложија за одржлив развој и заштита на животната средина.
Потписниците на изјавата се Канада, Норвешка, Данска, Русија, Финска, Шведска, Исланд и САД. Виш претставник од Стејт департментот изјави дека групата работела на неколку верзии на подетален договор, но на крај донеле одлука за „поедноставена, позитивна, обединета и колективна порака“.
На крајот од средбата американскиот државен секретар Мајк Помпео објави дека САД ќе го зголемат военото присуство во поларниот регион со цел да се спротивстават на амбициите на Кина и Русија.
„Ние сме домаќини на воени маневри, го зајакнавме нашето воено присуство, ја обновуваме флотата на бродови кршачи на мраз, ги зголемивме средствата за крајбрежната стража и создадовме нови виши воени позиции во нашата армија задолжени за Арктикот.“ рече Помпео, додавајќи дека „Регионот станал епицентар на глобалната моќ и конкуренција“.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг возврати дека Кина се придржува кон патот на „мирен развој“ и побара САД да се откажат од застарениот концепт кој произлегува од менталитетот на Студената војна во кој или губиш или добиваш.
Со постојаното топење на мразот во поларниот регион се отвораат нови поморски премини и трговски можности.
Минатиот месец, Русија објави планови за поморско поврзување на Северното Море со кинескиот поморски проект „Патот на свилата“.
Во меѓувреме во последниве години расте интересот на Кина за Арктикот.
Државниот секретар Мајк Помпео го отфрли како непринципиелно мешањето на нациите кои не граничат со Арктикот во развојот на поларниот регион.
„Има арктички и не арктички држави, нема трета категорија“ кажа Помпео во говорот во Финска.
Кинеските претставници кои учествуваа на средбата како набљудувачи велат дека Кина е држава блиска до Арктикот„ дефиниција која беше отфрлена од САД.
Facebook Forum