Линкови за пристапност

Загадениот воздух – четврта водечка причина за смрт во светот


Ова светската економија ја чини милијарди долари.

Светската банка и Институтот за следење и евалуација на здравјето, ја објавија студијата „Цената на загадениот воздух: Зајакнување на економското сценарио за акција“.

Удаваши Нареин е виш економист во Светската банка, одговорен за животната средина.

„Главната мотивација за студијата е да се потенцира алармантноста од загадениот воздух. Колку е распространет и да се изготви јасна економска слика за да можат земјите да изготват планови како ќе се справат со појавата. Државите не смеат да го игнорираат и мора да најдат решение за овој проблем“, вели тој.

Според студијата, околу 90 отсто од популацијата во земјите со ниски и средни примања се изложени на опасно ниво на загаден атмосферски воздух. Станува збор за мошне ситни честички околу нас, а ние ги дишиме.

Светската здравствена организација вели дека поголемиот дел овие ситни честички доаѓаат од согорување на горивото во индустриските зони, електраните, автомобилите, камионите и печките.

Студијата покажува дека во 2013-та година, како резултат на болести предизвикани од загадениот воздух, починале 5,5 милиони лица.

Заболувањата како рак на белите дробови, астма, хронично белодробно растројство и респираторни инфекции се поврзуваат со загадениот воздух, кој исто така може да биде и причина за појава на кардиоваскуларни заболувања. Загадениот воздух може особено да ги погоди децата, бидејќи нивниот имунолошки систем и белите дробови се во развој.

Освен здравствениот ризик, појавата е пречка и во економскиот развој. Како што се наведува во студијата, на глобално ниво биле загубени 225 милијарди долари во работен приход, како резултат на прераната смрт предизвикана од загадениот воздух.

Експертот од Светската банка вели дека земјите со ниски и средни примања, треба да ги вклучат овие прашања како дел од плановите за развој. Тој сепак посочи и на друг проблем.

„Откривме дека ако земјите реагираат на овој проблем на локално ниво, и успеат да спасат животи, истовремено може да влијаат и на агендата за климатските промени“, изјави Нареин.

Во одредени региони штетните ефекти од загадениот воздух се поголеми.

Најголемиот број смртни случаи како резултат на загадениот воздух се забележани во Јужна и Источна Азија, не само поради високото ниво на изложеност на загаденоста, туку и поради пренаселеноста.

Во Јужна Азија и Африка се регистрирани најниски приходи, бидејќи имаат претежно млада популација која е погодена. Во однос на социјалните трошоци пак водат Источна и Јужна Азија.

Светската банка загадениот воздух го опишува како закана по животот на луѓето истовремено влијаејќи и на економскиот развој. Нареин додава дека бенефициите од регулативите за ограничување ќе ги бидат поголеми од трошоците.

Студијата нема препораки како да се реши проблемот со загадениот воздух и остава самите држави да се справат со предизвикот. Сепак, истражувањето алармира дека тоа треба да се стори што е можно поскоро.

XS
SM
MD
LG