Линкови за пристапност

Осомничениот за убиството на 11 лица во синагога во Питсбург денес во суд


Насекаде во САД се палат свеќи во сеќавање на жртвите, а знамињата се спуштени на пола копје

Илјадници луѓе се собраа на комеморативна служба во Питсбург, Пенсилванија, каде верските и граѓанските лидери повикаа на толеранција и обединетост по нападот на синагогата, во која загинаа 11 лица.

Осомничениот 46-годишен Роберт Бауерс денес треба да излезе пред федерален судија.

Тој се соочува со 29 федерални обвиненија, вклучувајќи и кривични обвиненија за омраза, како и можна смртна казна доколку биде осуден

Невладината еврејска организација, која се бори против омразата и насилството кон Евреите уште од 1970-те години, изјави дека нападот на синагогата во Питсбург е најголем напад врз еврејската заедница во историјата на САД.

Градоначалникот на Питсбург Бил Петудо го нарече нападот „најтемниот час во историјата на градот“, но, нагласи дека луѓето се храбри и оти ништо не може да ги скрши.

„Ќе работиме заедно како едно. Ќе ја поразиме омрзата со љубов. Ќе бидеме град на солидарност и отворен за сите луѓе, независно на нивната религија, од каде доаѓаат или нивниот статус“, рече градоначалникот.

Рабинот Џефри Маерс рече дека говорот на омрза е неприфатлив во Питсбург, и ги повика политичките лидери да бидат пример за тоа.

„Престанете со зборовите на омраза. Ако немате нешто убаво да кажете, не кажувајте ништо. Ако дојде од вас, американските граѓани ќе слушнат“, им порача Маерс на политичарите.

Луѓе палат свеќи во сеќавање на жртвите насекаде во САД. Претседателот Доналд Трамп нареди знамињата на владините згради да бидат спуштени на пола копје три дена.

„Мора да застанеме со нашите еврејски браќа и сестри и да се бориме против антисемитизмот и силите на омраза“, рече Трамп.

Освен во САД, се палат свеќи и во Канада, а Ајфеловата кула во Париз, пак, вчера ноќта беше во мрак, во знак на почит кон жртвите.

Лидерите од целиот свет, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел, го осудија нападот, нарекувајќи го напад врз човештвото.

Папата Францис, пак, рече дека ќе се моли да исчезне омразата во заедниците.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG