Линкови за пристапност

Сарма, пита и грав со лути пиперки на американски начин


Доброволци на Мировниот корпус на САД говорат за своите искуства додека низ Македонија се одржуваат промотивни средби за наредниот контингент

Никогаш не сум ни помислил дека ќе собирам тутун, се‘ додека моите раце не беа покриени со црна, леплива трага од листовите. Дефинитивно, селото Лозово ми беше најголем културен шок - преселбата од еден американски град со околу 10 милиони жители, во едно македонско село каде често можев да избројам повеќе овци отколку луѓе во текот на еден ден...“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Кристофер Квинтос, еден од 90-темина волонтери на Мировниот корпус на САД коишто во моментов работат во преку 30 заедници во Македонија.

Џордан Лукас (лево), доброволка на Мировниот корпус во Македонија
Џордан Лукас (лево), доброволка на Мировниот корпус во Македонија

Во сличен тон за своите искуства низ Македонија ни раскажуваше и Џордан Лукас, волонтерка којашто сега е во етнички-албанска средина во Камјан, Тетово: „За време на мојата обука во близина на Куманово, поминав многу прекрасни попладниња лупејќи пиперки, правејќи тестенини и дегустирајќи вино, со едно од локалните македонски семејства, уште пред да можам да зборувам и доволно да се разбирам на нивниот јазик. Кога ќе погледнам наназад на мојот престој во Македонија, токму попладневните часови, како овие за кои ви раскажувам, во друштво на пријателите и со добра храна, се нешто што ќе го сочувам во срцето во остатокот од мојот живот“.

Програмата на Мировниот корпус на САД, американска владина агенција, во Македонија започна во 1996-та година, и оттогаш преку 500 американски граѓани служеле како волонтери на Мировниот корпус во разни македонски градови. Волонтерите одржувале настава, работеле со здруженија на граѓани и во македонските општини, како и со млади лица и бизнис организации.

И годинава, Мировниот корпус на САД, од 9-ти до 12-ти март и на 18-ти март, оддржува регионални промотивни средби во неколку градови низ Македонија. Вчера се одржа промотивната средба во Пробиштип, а денес во Кичево и во Дебар. За утре се предвидени средбите во Валандово и Кичево, а за задутре во Крива Паланка и Битола и на 18-ти март во Скопје.

Во очекување на новата група од 50 волонтери коишто ќе допатуваат во Македонија во септември, на актуелните промотивни средби се поканети македонски семејства, но и организации и институции коишто се заинтересирани да примат волонтери од Мировниот корпус. На средбите, вработените во Мировниот корпус Македонија и организациите-домаќини, говорат за позитивното влијание на присуството на волонтерите во училиштата или организациите во Македонија, како и за самиот процес на аплицирање. И новите волнтери, по тримесечна обука, ќе работат во училишта, здруженија на граѓани и во општини во период од две години, почнувајќи од декември 2015-та.

А оние волонтери коишто по завршувањето на обуката веќе работат во Македонија, имаат различни искуства и впечатоци од престојот во новата и за нив непозната средина.

Кристофер Квинтос, довроволец на Мировниот корпус во Македонија
Кристофер Квинтос, довроволец на Мировниот корпус во Македонија

Квинтос е волонтер за развој на заедниците. Потекнува од Чикаго, а сега живее во Прилеп и работи со младинската организација АИЕСЕК - Прилеп.

„Моето искуство во Македонија може да се опише како интересно, исцрпувачко, инспирирано, и воопшто, прекрасно. Мировниот корпус им нуди на Американците можност да ги споделуваат посебните вештини и да добиваат нови искуства од разни култури низ светот. Јас сум среќен што сум поставен токму во Македонија, зашто сите весело ме поздравуваат, и, според мене, се најљубезните луѓе во светот. Живеењето со две прекрасни семејства-домаќини ми создаде многу драги спомени... И луѓето со кои сега живеам ме сметаат како дел на семејството. Во еден од првите денови кај нив, вечеравме заедно и јас додадов премногу суви лути пиперки, коишто ги згмечив со моите прсти во гравот. Подоцна, бришејќи го лицето, си ги „запалив“ челото и очите. Мајката ме советуваше да ставам леб на лицето, но иако беше мошне смешно, не усепав да го оладам“.

28-годишната Лукас е од Вилмингтон, Северна Каролина, каде дипломирала француски јазик и меѓународни студии и предавала француски јазик. Пред да се приклучи на Мировниот корпус, живеела една година во Франција каде предавала англиски јазик.

„Сакав да се приклучам на Мировниот корпус за да дознаам повеќе за светот, да учам нови јазици, да осознавам за културите и искуствата на еден нов начин, за кој не знаев во САД. Како волонтер на Мировниот корпус во Македонија имав уникатно искуство за учење два нови јазика (албански и македонски) и за живот во мултикултурно општество каде што моите секојдневни искуства се збогатени со културното и историското богатство од земјата. Мои најважни културни искуства досега се поврзани со откривањето на Македонија и стекнувањето нови на пријатели, неретко и преку подготвувањето храна. Сметам дека и кај моите албански и кај македонските пријатели, подготвувањето на храна има важно место во нивните животи. Не само што јас уживав, правејќи американски колачи со моите соседи, туку со својот албански колега правевме и сарма, и пита, и филија, а имавме и пикник на Шар Планина каде учев да ја играм играта Гурзи, а се често беше исполнето со изобилство чај и кафе, во вистински македонски и албански стил, секако низ прекрасен разговор“, вели Лукас.

XS
SM
MD
LG