Линкови за пристапност

Малала за Глас на Америка: Пакистанците им се спротивставија на екстремистите


Допитничката на Нобеловата награда за мир, истакна дека во Пакистан има мир, воедно промовирајќи го правото на девојчињата на образование

Малала Јусафзаи вели дека сака светот да знае оти има мир во Пакистан и дека народот им се спротивставил на екстремистите.

Во интервју за Гласот на Америка, добитничката на Нобеловата награда за мир истакна дека тоа е пораката што сакала да ја пренесе за време на неодамнешната ненајавена четиридневна посета на нејзината родна земја.

Се работи за нејзина прва посета на Пакистан од 2012-та година, кога беше застрелана во пределот на главата од страна на талебанските милитанти кои се спротивставуваа на нејзините напори да го промовира правото на девојчињата на образование.

Нападот се случи кога Јусафзаи имаше 14 години. Сега таа студира на Универзитетот Оксфорд во Британија и е коосновачка на Фондот Малала, што досега инвестирал 6 милиони долари во проекти за поддршка на образованието на девојчињата.

Во интервјуто, таа истакна дека и` било мошне важно да се врати во Пакистан. „Во меѓународни рамки, постои загриженост дека Пакистан е земја на терористи или дека нема мир во неа“, кажа Малала. „Оттука, ја пренесувам следнава порака – дека има мир во Пакистан и дека пакистанскиот народ им се спротивстави на екстремистите“.

Сепак, одредени Пакистанци сметаат дека нејзината кампања му наштетила на реномето на нацијата. Ученици од неколку приватни училишта во источниот дел на провинцијата Лахоре, протестираа заради посетата, извикувајќи – „Јас не сум Малала“, иако неколку други училишта не сакале да учествуваат во демонстрациите, велејќи дека одбиваат да шират омраза.

Преку нејзиниот фонд, неодамна беше изградено училиште за девојчиња во Сфат, од каде потекнува. Јусафзаи истакна дека училиштата се потребни за борба против екстремистите. „За да ги заштитиме децата од екстремистичкиот начин на размислување, мора да обезбедиме дека тие се на училиште и тоа безбедни училишта, каде не само што добиваат образование, туку станува збор за квалитетно образование“.

Јусуфзаи додаде дека е од особена важност за девојчињата да посетиваат училиште бидејќи во спротивно, има поголеми шанси да се омажат на 13 или 14-годишна возраст. „Воедно можат да бидат присилени на физичка работа, да живеат во сиромаштија. Бидејќи нема да можат да се борат за своите права, веројатно овие девојчиња ќе бидат изложени и на мобинг или каков било вид на насилство. Затоа, образованието е заштита за девојчињата“.

Посетата на Малала на Пакистан беше ненајавена, делумно затоа што забранетиот талебански режим во Пакистан и натаму ја обвинува за промовирање на западната култура, ветувајќи дека можно е повторно да биде цел на напад.

Фондот Малала, активен во земјите со конфликти, како Сирија, Кенија, Нигерија, Јордан и Пакистан, го промовира правото на секое девојче на 12-годишно бесплатно, безбедно и квалитетно образование.

Малала, која сега има 20 години, започна за оваа тема јавно да зборува уште на 11-годишна возраст во главно конзервативното опкружување од каде потекнува.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG