Линкови за пристапност

ОБСЕ за следењето на изборниот процес


„За време на нашата мисија ќе набљудуваме дали гласањето е усогласено со условите и обврските кон ОБСЕ, како и со правните стандарди во земјата. Ќе издаваме прелиминарна изјава на секој ден од изборите. На крајот, ОБСЕ ќе издаде завршен извештај што ќе биде објавен по осум недели од завршувањето на изборите, во кој ќе се содржат препораки до властите“, изјавил на денешната прес-конференција амбасадорот Герт Аренс. Тој е на чело на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на претседателските избори во Македонија, закажани за 13-ти и 27-ми април.

Тој денес потенцирал дека членовите на Мисијата, одблиску и внимателно ќе го следат „регистрирањето на кандидатите како и регистрирањето на гласачите, работата на изборните комисии, активностите на владините органи, кампањата, изборното законодавство и неговото спроведување, состојбата во медиумите... “
Според медиумските извештаи, Аренс посочил и дека улогата е „да набљудуваме и да известуваме, а не да се мешаме. Нас не не` интересира исходот на изборите, туку не` интересира самото гласање, неговото броење и табелирање. Нашите правници ќе понудат своја проценка, а потоа е работа на општеството, на политичките партии, на властите како ќе ги користат нашите наоди и нашите препораки, за да ги исполнат демократските стандарди што се обврска преземена со членството во ОБСЕ“.
Покрај 11-темина експерти за право, избори, политика, медиуми, финансиско работење и безбедност, изборите ќе ги следат и 20 долгорочни набљудувачи, кои во тимови ќе го следат изборниот процес низ целата земја, а на денот на изјаснувањето на граѓаните планирано е да им се приклучат уште 300 краткорочни набљудувачи кои ќе го набљудуваат гласањето, пребројувањето и табелирањето на гласовите.
Според амбасадорот Аренс, Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе посвети особено внимание на имплементацијата на изборното законодавство за време на изборниот процес - на терен: „Голем дел од препораките се вградени во законодавството. Имам примерок од Изборниот законик, направени се мошне голем број измени... А, како тие измени ќе бидат спроведени во пракса, тоа е она со што ќе се занимаваме во тек на ова набљудување, затоа што спроведувањето на тие промени е подеднакво важно, како и нивното воведување“.
Околу опозициските реакции и медиумските и забелешките на дел од експертската јавност дека Македонија со 2 милиона жители има регистрирано 1,8 милиони гласачи, Аренс изјавил:
„ДИК е уверена дека Избирачкиот список е веродостоен. Мора да се забележи дека нема скорешен попис за да се види колкав е бројот на оние кои живеат во земјата. Ние внимателно набљудуваме каква е состојбата со Избирачкиот список и колкава е довербата на граѓаните во Избирачкиот список и тоа секако дека игра улога во политичките дискусии што се водат. Во колкава мерка ова ќе се преточи во проблем и понатаму, останува да се види“.
Членовите на Мисијата се сретнале со претставници на ДИК и на МНР, а најавени се средби и во државните институции и во политичките партии, како и разговори со претставници на граѓанскиот сектор, на медиумите и на меѓународната заедница.
Инаку, ДИК соопшти дека пријавувањето за гласање на Изборите за претседател на Република Македонија на 13-ти април е завршено за македонските државјани кои се на привремена работа или престој во странство, а дека оние кои сакаат да гласаат и на предвремените парламентарни избори на 27-ми април ќе треба да достават нова пријава до 30-ти март.
XS
SM
MD
LG