Линкови за пристапност

Опозицијата нема да номинира свои претставници во работната група за уставни измени


Уште непочната да функционира, работната група за уставни измени наиде на сериозни проблеми. Опозицијата реши да не номинира свои претставници во ова тело, чиј рок за формирање истекува денеска, а кое треба да го даде првичниот текст на амандманите со кои, меѓу другото, ќе се вметнат и Бугарите во Уставот – услов за отворање на преговарачките поглавја. ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, СПМ и Демократски сојуз информираа дека нема да учествуваат во работната група на министерството за правда. Објаснувањето е дека тоа е беспредметно зашто, како што велат, овој пратенички состав не ја добил довербата на граѓаните за да го менува Уставот.

Очекувано, партиите од власта ги дадоа своите членови. СДСМ ја предложи актуелната генерална секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

„Иванова е дипломиран правник, има долгогодишно искуство, одличен познавач не само на Уставот и законите туку и на собраниските процедури како пратеничка. Учествувала во значајни процеси и одлуки кои Собранието ги има донесено. СДСМ активно ќе учествува во експертското тело кое го формира Министерството за правда. Тоа е државнички, тоа е одговорно затоа што станува збор за процес од кој зависи членството во ЕУ, како врвен национален и државен интерес“, рече Дарко Каевски од СДСМ.

Претставник на ДУИ ќе биде Арбр Адеми, координатор на пратеничката група на оваа партија. Третата по големина партија во владината коалиција, Алијанса за Албанците, за свој претставник го номинираше пратеникот Ремзи Мехмеди. Во групата свој претставник ќе има и претседателот Пендаровски – тоа ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е и советник на шефот на државата. Најверојатно, во ова тело ќе бидат и професорот Јетон Шасивари и поранешната судијка во Стразбур – Маргарита Цаца Николовска.

Премиерот уште еднаш ја повика опозицијата да се издигне над партиските интереси и да мисли на државата.

„Ова е процес во којшто треба сите да учествуваат затоа што граѓаните заслужуваат да живеат во земја-членка на ЕУ ама тука дома, а не да живеат во земја-членка на ЕУ во туѓина да одат да работат. „Откако ќе бидат направени амандманите во Комисијата при Министерството за правда, тие ќе бидат дадени на јавна расправа пред академската заедница, пред невладиниот сектор, бизнис заедницата, медиумите, да се запознаат граѓаните и потоа ќе започне парламентарната процедура во Собранието, каде што постои уставна комисија и оди низ процедурите што важат за уставни измени“, изјави премиерот Ковачевски.

Намерата на владата и на мнозинството е целата постапка да се заокружи до крајот на годината за кога и се предвидува да финишира скринингот, по што, ако Уставот е сменет, ќе се премине на отворање на преговарачките поглавја. Но, засега, ова е малку веројатно сценарио зашто опозицијата, чии гласови се клучни, не дава „зелено светло“ за измени на Уставот.

XS
SM
MD
LG