Линкови за пристапност

Охајо тужи фармацевтски компании


Главниот правобранител на сојузната држава вели дека компаниите со нивната политика ја поттикнуваат епидемијата со опијати

Американската сојузна држава Охајо вчера поднесе тужба против пет фармацевтски компании, велејќи дека користеле измамнички практики кои ја поттикнуваат епидемијата со опијати во државата.

„Овие производители на лекови ги довеле во заблуда лекарите да веруваат дека опијати не предизвикуваат зависност, дека зависноста лесно се надминува и дека зависноста всушност може да се третира со земање на повеќе опијати “, кажа јавниот правобранител на Охајо Мајк ДеВајн. „Тие знаеле дека не се во право, но го сториле тоа секако.“

Сојузната држава Охајо сака компаниите да престанат погрешно да ги претставуваат лековите, да исплатат оштета за износот на пари кои државата ги потрошила на спречување на прекумерно користење на опијати издадени на рецепта. Исто така да им исплати надоместок на пациентите.

Тужбата се однесува на компаниите Purdue Pharma, Endo Health Solutions, Allergan, Teva Pharmaceutical Industries и нивната подружница Cephalon, и Johnson & Johnson и подружницата Janssen Pharmaceuticals.

Од Janssen Pharmaceuticals тужбата ја нарекоа правно и фактички неоснована, и изјавија дека компанијата постапила правилно и одговорно.

Од Purdue Pharma велат дека ја споделуваат загриженоста на ДеВајн во врска со кризата со опијати и дека сакаат да работат заедно на изнаоѓање на решение.

Од Центарот за контрола и превенција на болести коментираат дека опијатите најчесто се давани за намалување на умерена или силна болка по операција или повреда, но во последниве години има зголемување на нивно издавање на рецепт за намалување на хроничната болка „и покрај сериозните ризици и недостигот на докази за тоа каков е нивниот долгорочен ефект.“

Според Центарот за контрола и превенција на болести во САД во 2015-та, од различни видови на хероин даден на рецепта починале 33.000 лица.

Во тужбата од сојузната држава Охајо се вели дека на 2,3 милиони луѓе или речиси на 20 проценти од населението минатата година им биле препишани опијатни лекови и дека тие се главната причина за смртни случаи од ненамерно предозирање. Ваквата криза во државата ја нарекуваат „катастрофална“.

„Затоа што знаат дека лекарите и компаниите за здравствени услуги се потпираат на упатствата од фармацевтските компании во донесувањето на одлуки за третманот. Фармацевтските компании мора да ја кажат вистината кога ги рекламираат нивните лекови и да обезбедат дека нивните маркетиншки тврдења се поддржани од науката и медицината. Обвинетите ги прекршиле овие едноставни правила и помогнале во создавањето здравствена криза, која има далекусежни финансиски, социјални и смртоносни последици во сојузната држава Охајо.“

Ефектите од опијатната криза се чувствуваат насекаде во САД и Охајо не е прва сојузна држава да ги тужи фармацевтските компании. Сојузната држава Кентаки се спогоди по поднесената тужба против Purdue Pharma во 2015-та, додека група од 27 држави го сторија тоа со Purdue Pharma уште во 2007-та. Орегон во 2015-та постигнаа договор со друга фармацевтска компанија, Insys.

Претседателот на САД, Доналд Трамп за време на неговата кампања минатата година вети дека ќе се бори со епидемијата на опијати која погоди голем дел од руралните области и малите градови, каде тој доби силна поддршка.

Претседателот создаде група со задача справување со зависноста од дрога, но критичарите на предлог буџетот кој беше обелоденет минатиот месец велат дека планираните намалувања на трошоците на владата ќе им наштетат на борбата со епидемијата со опијати.

Според планот на Трамп, ќе се намали финансирањето на Националната канцеларија за политика за контрола на дрогата за 95 проценти, елиминирајќи ја програмата за заедници ослободени од дрога и програмите за борба против трговија со дрога.

И двете програми имаат двопартиска поддршка во Конгресот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG