Во 1897-ма, познатиот американски автор Марк Твен духовито коментира во писмото испратено до весникот Њујорк хералд. Неодамнешните гласини за мојата смрт, вели тој, се - преувеличување.
Дали може да се каже истото за претсмртните ѕвона што денес бијат за американското радио? Најпрвин, да погледнеме наназад.
Телевизијата бездруго требаше да го убие радиото кога како ветувачки медиум ги поплави дневните соби во 1950-те. Наместо тоа, добрите стари радиски транзистори опстанаа, нудејќи ни добра музика, избрана од диск-џокеи, што ја слушавме во автомобили, или на портабл радио-приемници. Потоа, АМ-радиото беше прогласено за мртво кога ФМ-роднината понуди почист звук. Но, до ден-денес, АМ не само што живее, туку и остана живописен извор на вести и разговорни емисии.
Кога Конгресот ги олабави правилата за медиумско сопствеништво во 1990-те, големите корпорации голтаа радио-станици во стотици; воведоа комјутеризирани формати; го зголемија бројот на реклами; се насобраа пари. Но, од друга страна, многу станици почнаа да личат една на друга.
Сега весникот Вол стрит журнал предупредува дека радиото – „крвари“. Новите сателитски услуги, како радиото со висока дефиниција, нудат кретивни музички комбинации, напати без ниту една реклама. Згора на тоа, луѓето создаваат свои листи на музика на рачните направи како Ај-под. Падот на радиото е толку драматичен што двата наголеми конгломерата мораа да ја намалат вредноста на својот имот за 23 милијарди долари. Се борат со ерозијата со тоа што им наложија на станиците да ги намалат рекалмите, да ги вратат диск-џокеите, и да го направат музичкиот избор понепредвидлив и интригирачки.
Се` на се`, на крај може да се случи радиото да се врати на старите добри времиња и односот водител-слушател. А, извештаите за неговата смрт, да се послужиме со луцидниот коментар на Марк Твен, да бидат само – преувеличување.