Линкови за пристапност

Охридското езеро крие многу тајни на подводното културно-историско богатство


Изложба на подводно културно-историско богатство во Охрид
Изложба на подводно културно-историско богатство во Охрид

Триесетина подводни фотографии се претставени на изложба во Охрид. Треба повеќе институции да седнат и да се договорат нешто да се преземе за негова заштита, ако не ова ќе биде еден обичен резерват за вода, вели Горан Балески од клубот за подводни дејности „Охрид“.

Културно-историските тајни на Охридското езеро врамени во изложба
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:13 0:00

„Еве ги шините. Еве ги старите бродови кои ги кревале на плажа Сараиште. Овде се наоѓа таа дрвена конструкција. Овие шини служеле за заштита на дното и служеле како конструкција која може да го движи бродот без да се оштети“, раскажува Никола Паскали од нуркачкиот центар „Акватек“.

Во езерото имаме од ендемични видови, видови кои живеат повеќе од 2 милиони години, до културно наследство од неолит, наколни населби, потонати бродови
Никола Паскали

Ова е само една од десетината фотографии, дело на Никола Паскали, нуркач од Охрид, кој ги фотографира при неговото секојдневно дружење со длабочините на Охридското езеро.

„Во езерото имаме од ендемични видови, видови кои живеат повеќе од 2 милиони години, до културно наследство од неолит, наколни населби, потонати бродови од првата светска војна кои се произведени во 1887 година и се наоѓаат во Струга. Имаме моноксил, кој во иднина треба да го истражиме за да кажеме негова точна старост“, вели Паскали.

Дел од подводното културно-историско богатство и биодиверзитет, нуркачкиот центар „Акватек“ и клубот за подводни дејности „Охрид“ ги презентираа на изложба на подводни фотографии.

„Ми е важно да сум под вода и да го пренесам оригиналниот амбиент на публиката под вода“, објаснува Паскали.

За да се направи квалитетна подводна фотографија не е воопшто лесно. Најмногу од сè е потребно нуркачко искуство и знаење.

„Многу е тешко да направиш една подводна фотографија. Да чекаш посебно каде што има ракчиња, риби. Навистина е макотрпна работа но сето тоа се исплати. Нема монтажи, нема додатоци, баш како што изгледа се направени. Одамна се снимани и досега ги чувавме“, раскажува Горан Балески од клубот за подводни дејности „Охрид“.

Сепак загрижува сè уште големото присуство на најразновиден отпад во езерото.

„Не можеме да се пофалиме дека нашиот регион се ослободи од отпадот Еднократна пластика среќаваме постојано, пластични лажици, цевки. Сè што може да видите што се продава како реквизит за храна по крајбрежјето го среќаваме под вода“, укажува Паскали.

Треба повеќе институции да седнат и да се договорат нешто да се преземе, ако не ова ќе биде еден обичен резерват за вода
Горан Балески

„Во една прилика можев да ги поминам сите езера и Комо и Маџоре, тоа се италијанските езера. Тие не се ни 10 отсто во однос на бистрината на водата кај нас. Тоа е неспоредливо со нашата вода и нашето езеро. Навистина крие прекрасни убавини и мора да го заштитиме“, додава Балески.

Затоа сите треба да дадат свој придонес за да се сочува Охридското езеро вели Балески.

„Ние на некој начин сме врзани со езерото. Како клуб за подводни дејности, 38 години без никаква помпа сме како стражари, како швајцарската гарда што го чува Ватикан, клубот за подводни дејности го чува езерото. Треба поддршка од институциите. Треба и некој санкции на крај. Треба повеќе институции да седнат и да се договорат нешто да се преземе, ако не ова ќе биде еден обичен резерват за вода“, алармира Балески.

Порачуваат дека државата мора да има и научен пристап кон целокупното потонато богатство, кое езерото го чува во себе.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG