Линкови за пристапност

Еколозите алармираат на градежни активности во Охрид


Три граѓански организации од Охрид реагираа поради активностите и плановите на локалната власт и на Владата кои, според нив, го загрозуваат природното наследство

Иницијативата Охрид СОС, неодамна реагираше со соопштение до јавноста, во кое ја обвини Општина Охрид дека без испитување на јавното мислење и без барање согласност од граѓаните ќе реализира активности за изградба на рекреативна патека меѓу локалитетите Студенчишта и Горица, и таканаречен авантуристички парк во шумата под калето.

Граѓанските активисти поставуваат бројни прашања до локалните власти:

„Со што активностите на Општината, придонесуваат кон заштита на водите или промоција на Охридското езеро. Имаат ли совест носителите на јавни функции, инволвирани во проектот и која е потребата од вакво нешто?“, велат тие.

Потсетувајќи дека една од целите треба да биде промоција на важноста на водата, развивање на прекуграничната заштита на водните средини и засилување на едукацијата, екологистите од Охрид СОС реагираат дали Европската комисија е запознаена со активностите на локалните власти.

„И дали раководните лица од Општината се запознаени со нацрт-одлуките на Комитетот за светско наследство при УНЕСКО од конвенцијата во Истанбул, имајќи предвид дека во точката 7а е спомнат и Планот за интегрирана заштита на Старото градско јадро на Охрид, каде се наоѓа предложената локација за оваа активност?“, објаснуваат екологистите.

На обвинувањата од невладиниот сектор, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачевски, за Гласот на Америка, вели дека „се работи за реконструкција на веќе постоечка асфалтна патека која опфаќа уредување на просторот, ново осветлување, хортикултурно уредување и оплеменување, поставување на клупи за одмор и релаксација, попатни фонтани, со што оваа патека доби нов современ лик на особено задоволство на граѓаните на град Охрид, но и на домашните и на странските туристи, кои истата во голем број ја посетуваат“.

За проектот за паркот, според одговорот на градоначалникот, не постои простор за никаков сомнеж или обвинување, и апсолутно нема никакви нарушувања на животната средина.

„Со цел збогатување на туристичката понуда на градот, планирано е поставување на елементи за алпинистичко искачување на постоечката карпа над Лабино, сајла за спуштање, патеки, клупи-видиковци... Сите реквизити кои евентуално би се поставиле се од природен материјал и со нив, на никаков начин не се нарушува ниту амбиентот и автентичноста, ниту природната рамнотежа на животната средина, напротив, истите целосно се вклопуваат во средината. Впрочем, на тој начин се организирани голем број на паркови во западноевропските држави“, смета градоначалникот.

Тој тврди дека ако се добие проектот, нема да се променат автентичните делови.

За активностите на локалните власти и реакцијата на Охрид СОС, адвокатот Владо Чинговски, жител на Охрид, за Гласот на Америка изјави дека патеката е добра идеја и би било добро ако се реализира.

„Со оглед дека не зафаќа во Студенчишкото блато, кое патем, сега веќе и не постои, или е ограничено на само еден мал простор. Не навлегувам во евентуално спорни имотно-правни односи, доколку ги има, или еколошки проблеми, за кои треба да се направат елаборати и студии. Истото важи и за авантуристичкиот парк, кој како содржина би ја зголемил туристичката понуда, но ако се гради врз основа на студии, а не да се гради само за да се гради“, вели Чинговски.

Според него, старото градско јадро е посебна приказна и дали тоа ќе се најде на Листата на светско наследство во опасност, зависи од тоа со колку пари располага државата да ја заштити архитектурата на стариот дел од Охрид – Варош.

„Стариот дел е жив дел од градот и за да се заштити товарот не може да падне само врз варошани. Тие имаат семејства и како сите други, имаат право во состав на нивниот имот, да реновираат, доградуваат или градат куќи. Донесениот Закон за заштита на старото градско јадро на Охрид не придонесе за решавање на проблемите“, изјави Чинговски.

Уште две еколошки здруженија Фронт 21/42 и Еко-свест, вчера алармираа дека активности во охридскиот регион, овојпат како проекти на Владата, ја загрозуваат универзалната вредност на ова подрачје, и дека се заканува бришење на Охрид од списокот на УНЕСКО.

XS
SM
MD
LG