Откако во Нацрт–извештајот на УНЕСКО за Охридскиот регион, што ќе се разгледува на 43-та Конференција на Комитетот за светско наследство во Баку, се потенцираше дека „нема доволен напредок во решавањето на проблемите и на постојаните закани и опасност од големите инфраструктурни и развојни проекти, како и дека досега малку е направено за имплементација на приоритетните препораки на реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година“, на вчерашната седница Владата донесе и одлука да продолжи со исполнување на релевантните препораки и одлуки на УНЕСКО.
За зачувување на статусот на светско наследство - на природното и културното наследство во Охридскиот регион, Владата го задолжи заменикот премиер задолжен за економски прашања, да формира работна група составена од функционери од надлежните институции, која ќе постапува според забелешките на УНЕСКО. „Владата силно ги охрабрува општините Охрид и Струга да ги исполнат препораките на УНЕСКО, за Охридскиот регион и натаму да биде под негова закрила“, стои во соопштението од седницата..
Со оглед дека во зададената двегодишна рамка, македонските власти не успеаја да ги исполнат препораките на Комитетот за светско наследство на Организацијата за образование, наука и култура на ООН (УНЕСКО), сега, со одлука на Владата, Работната група ќе ја анализира алтернативната рута на железничката пруга долж Коридорот 8 и рутата на автопатот А2 Требеништа - Струга, согласно наодите на Реактивната мониторинг-мисија и препораките на УНЕСКО, а предлог-решенијата треба да бидат доставени до Владата најдоцна до 15 јануари 2020.
Владата го задолжи Министерството за транспорт и врски, во соработка со Националниот парк Галичица и општините Охрид, Струга и Дебарца, да изработи инвентар на нелегални градби и да го достави до Владата најдоцна до први септември, а министерствата за животна средина и просторно планирање и за култура, се задолжени да изработат Предлог план за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион, усогласен со Центарот за светско наследство на УНЕСКО, и да го достават до Владата најдоцна до почетокот на декември 2019-та.
Првите реакции на активистите кои и досега ги обвинуваа македонските централни и локални власти дека се директно одговорни за негативните случувања во Охридскиот регион изминатите децении, се исполнети со недоверба.
Според еколошкото движење „Охрид SOS“, властите и досега не преземале мерки за отстранување на забелешките и на причините за загрозување на универзалните вредности на Охрид, како едно од местата заштитени како светско природно и културно наследство.
Активистките Александра Бујароска од „Гронт 21/42“ и Драгана Велковска од „Охрид СОС“, на пример, во медиуски настап, скепсата ја засниваат врз теренските анализи дека досега сите надлежни лица ја злоупотребувале должноста, без понесување одговорност. Тие ја обвинија и актуелната власт дека од ветувањата за правна држава од предизборниот период, ништо не се остварило.
„Никој никогаш не одговараше за урбанистичкото силување на Охрид, иако на сите документи стои потпис на некои одговорни лица… Никој не може да се спротивстави на урбаната мафија, на бизнис-интересите во спрега со власта“, го пренесоа медиумите ставот на активистките, кои потенцираа и дека се работи за „само уште една потврда дека сме заложници на корупцијата и безмилосните бизнис-интереси, на несовесни политичари и бесправна држава“.
Иако, новата власт на СДСМ ја прекина изведбата на дел од проектите на власта на ВМРО-ДПМНЕ, во насока на исполнување на условите на Реактивната мисија по посетата во април 2017, УНЕСКО повторно обвинува дека и актуелната Влада не ги исполнува останатите задолжителни барања.
Според УНЕСКО, „подрачјето се соочува со неповратни трансформации на целокупната врска меѓу историскиот град, археолошките остатоци, природниот амбиент и Охридското Езеро“, а како причини за актуелната состојба се наведуваат: „Несоодветна градба со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот.
Според УНЕСКО, „подрачјето се соочува со неповратни трансформации на целокупната врска меѓу историскиот град, археолошките остатоци, природниот амбиент и Охридското Езеро“, а како причини за актуелната состојба се наведуваат: „Несоодветна градба со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот.
Минатата година, активистката Драгана Велковска во изјава за Гласот на Америка на македонски јазик, потенцираше дека „Охрид не ни припаѓа само нам, на Македонците, Охрид му припаѓа на светот и на идните генерации. Ние немаме никакво право да го уништиме, имаме единствено должност да го заштитиме“. Но, на терен работите не се менуваа на подобро.
Активистите од „Охрид СОС“ и понатаму обвинуваат дека на дело се: криминална урбанизација и легализирање дивоградби, палење на широки појаси трска во Струшко, и несоодветна и нелегална реконструкција на објекти кои се дел од културното наследство...
На политичката сцена, опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека „СДСМ го уништи Охрид и му го загрози статусот на заштитено подрачје на УНЕСКО“, и обвинува дека „СДСМ остана глува на сите предупредувања на експертската јавност, екологистите и на УНЕСКО кои укажуваа на девастацијата и узурпација на Охрид и на неговата околина“. Владеачката СДСМ, тврди дека „токму ВМРО-ДПМНЕ остави хаос и ги предизвика последиците врз Охридскиот регион и дека нема никаков кредибилитет да зборува за регионот, по 11 години свесно уништување и загрозување на природното и културно наследство за бизнис и лични интереси на „Фамилијата’’“.
На прозивките одговори и Владата со контра-тврдење дека „пристапува со внимание и сериозност кон комплексните состојби со кои се соочува светското природно и културно наследство во Охридскиот регион со години наназад“, а вината ја лоцира токму во периодот кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. „Долгогодишното лошо управување со регионот и мегаломанските проекти кои беа закана за Езерото и за Националниот парк, беа причина УНЕСКО да испрати мониторинг мисија во април 2017 година“, и потенцира дека од почетокот на својот мандат „активно се посветила на решавање на проблемите во регионот, во соработка со општините и со граѓанскиот сектор“.
Во актуелните реакции во медиумите се потенцира и дека кај одделни експерти постои стравување оти евентуалното губење на статусот на Охрид, може да се одрази и врз евроинтеграциите. Имено, противниците на проширувањето на ЕУ, би можеле да го употребат и аргументот дека „земја што не успеала да зачува природно богатство под заштита на УНЕСКО, не може да ги исполни европските критериуми за животна средина“.
Facebook Forum