И додека властите уверуваат дека е наравено многу за исполнување на препораките кои УНЕСКО ги даде уште во 2017 година, за време на последната реактивна мисија, а со цел регионот околу Охридското Езеро да го зачува статусот на светско заштитено природно и културно наследство, невладините организации го мислат сосема спротивното.
Во Париз, претставници на централната власт како и градоначалникот на Охрид Константин Ѓеорѓиески, пред челниците на УНЕСКО, го презентираа првиот извештај за досега сработеното по сите 19 препораки.
Една од најголемите забелешки досега се однесуваше на бесправно изградените објекти, за кои акцијата за нивно отстранување во Охрид почна пред десеттина дена.
„Во текот на изминатите три месеци, Општина Охрид покажа значителен напредок во делот на исполнување на препораките. Во однос на препораката под реден број 9, во месец јуни беше изготвен регистар на бесправно изградени објекти, за кои во периодот од 2006-та година до мај 2019-та година, инспекциските служби имаат констатирано прекршувања на Законот за градење, и имаат донесено некаков акт со кој се утврдува нелегална градба. Изработен е детелен попис на градбите, а во тек е изработка на оцена на влијание на бесправните градби врз културното и природното наследство“, велат од Општина Охрид.
Од Општината додаваат дека акцијата за отстранување на бесправните градби, ќе продолжи да се одвива по утврдена динамика.
Според претходно изготвениот регистар, на територијата на целата Општина Охрид, има повеќе од 1.000 дивоградби, од кои 409 се во заштитениот појас околу Охридското Езеро, стариот дел на градот и Националниот парк Галичица
„Во рамки на акцијата ќе се отстрануваат објекти кај кои не постојат правни пречки, и акцијата за уривање ќе ги опфати сите физички или правни лица кои имаат добиено решение за отстранување и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори“, велат од Општината.
Во меѓувреме, беше донесен акциски план за постапување по препораките, како и одлука за времен прекин на градба и донесување и спроведување на урбанистички планови.
Според невладините организации, премногу споро се спроведуваат предвидените препораки.
„Не знаеме каков извештај испратила Владата до УНЕСКО, но, во секој случај премногу споро се спроведуваат преземените обврски. Овде е и проблемот со депонијата Буково, каде Охрид во моментот го одлага отпадот, а која треба да биде затворена, како и враќањето на реката Сатеска во старото корито“, рече за Гласот на Америка Трајче Талески, од граѓанската иницијатива Охрид СОС.
И од невладината Фронт 21/42 велат дека не се задоволни од спроведеното досега во однос на препораките.
„Во однос на исполнувањето на препораката од УНЕСКО, кое не е започнато, барем според јавно достапните информации, има повеќе елементи кои сериозно не` загрижуваат и повторно упатуваат на заклучокот дека ни по сесијата на Комитетот за светско наследство во Баку нема значајна промена во намерата на нашите власти да прикажат и пред УНЕСКО и пред домашната јавност, посветеност кон зачувување на нашето најголемо природно и културно богатство, наместо навистина да се посветат на истото“, велат од ФРОНТ 21/42.
Oд оваа организација додаваат дека на четири месеци до крајниот рок за исполнување на препораките, нашата земја не е ни блиску до суштинско посветување на нивно исполнување, пред се во клучниот закон за Охридскиот регион.
„Владата прво измени дел од најважните членови, па по острите реакции го повлече од собраниска процедура и од тогаш нема ни глас за истиот. Одлуките за воведување мораториум на Охрид и Струга се внимателно скроени да дозволат продолжување на урбаната и крајбрежната трансформација, со делумно регулирање до 01.02.2019, што исто како и актуелното рушење, нема врска со препораката на УНЕСКО. Стратешката оцена на влијанието врз животната средина за Планот за управување со регионот ја нема ни на повидок“,велат од ФРОНТ 21/42.
Градоначалникот на Охрид Константин Ѓеорѓиески, вели дека ако во изминатите години се санкциоирале сите девијантни појави на бесправни градби, градот и регионот немало да се доведат во ситуација да има проблем со нелегални објекти
„Целата јавност треба да сфати дека ова е проблем со години наназад. Последен пат отстранување на бесправно изградени објекти имаше во 2003 година. Од тогаш до денес, во Охрид ништо не е срушено. И ние не можеме овој проблем да го решиме во три или четири дена. Ова е битка која ќе трае две или три години, но работите се значајно поместени од мртва точка.Треба целокупно сфаќањата да се променат и овде мора да почне да се почитува правото и законот“, рече Ѓеорѓиески.
Според најавите кои стигнуваат од Париз, претставници на УНЕСКО во ноември доаѓаат во Охрид со цел лично самите да се уверат за сработеното и постигнатиот напредок.
Министерот Едмонд Адеми, кој е задолжен за координација и спроведување на мерките на УНЕСКО, а кој беше дел од делегацијата во Париз, за медиумите изјави дека Нацрт - планот за управување со Охридскиот регион е готов.
Тој е многу важен сегмент за поголема заштита во иднина на целиот регион. Истиот треба да го спречи урбаното дивеење во иднина, како и појавата на нови дивоградби.
Крајбрежната зона ќе биде строго регулирана, а во првата или т.н. црвена зона на педесет метри од брегот на Охридското Езеро ќе биде строго забрането изведување на градежни работи.
Целта е велат надлежните со ова да се овозможи контролирана урбанизација.
Во меѓувреме истиот ќе биде ставен на јавна расправа со можност за сугестии и дебати. Потоа тој ќе биде испратен до УНЕСКО.
„Првата строго заштитна зона во крајбрежјето ќе биде со ширина од 50 метри од Езерото. Оваа зона овозможува се` она што е недопрено во природата да остане такво. Нема да смее да се гради. Делови од оваа зона, каде веќе има одреден вид на крајбрежна трансформација, ќе се стават под контрола. Кои од овие веќе изградени ќе останат, ќе зависи од студијата за оцена на културното наследство и животната средина, што ќе ја спроведува Министерството за транспорт и врски“, рече рече Ана Петровска, државен секретар во Министерство за животна средина.
Петровска додаде дека ќе се воспостават заштитни зони и во градовите Охрид и Струга, како и во крајбрежните езерски населби.
„Со зонирањето се обезбедува заштита на строгите споменички целини, значи јадрата во Охрид и во Струга. Се воспоставуваат контактни зони односно втора и трета зона во рамките на градовите, каде се ограничува процентот на изграденост и катноста на објектите како еден начин да се спречи промената на пејсажот и амбиенталните вредности“, додаде Петровска.
Минситерот Адеми, пак, рече дека се формира и меѓудржавно тело за заедничко управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион
„Со извештајот во февруари не завршува целата работа. Истата продолжува и до следниот самит на УНЕСКО, во Кина“, рече Адеми.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, рече дека препораките на УНЕСКО треба да се спроведат, но, оти не треба да се прави фама дека УНЕСКО побарал сите дивоградби да бидат срушени до февруари.
„Тоа е класична манипулација. Но факт е дека со класичен план и диманика, Општината Охрид веќе постапува во делот на уривањето на тие дивоградби“, рече Сугарески.
Инаку, државата и Охрид имаат рок до февруари наредната 2020 година да испорачаат резултати, а постигнатиот напредок ќе се разгледува на состанокот на Комитетот за светско наследство, кој е закажан за во јуни 2020 година во Кина, каде треба да се знае дали регионот околу Охридското Езеро ќе се најде на листата на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО.
Facebook Forum