Линкови за пристапност

УНЕСКО бара стопирање на инфраструктурни проекти околу Охрид


Во извештај по увидот извршен во април, Агенцијата на ОН предлага разгледување опции за еко-туризам

Македонските власти под итно и без одлагање да ги стопираат плановите за изградба на ски центар во Националниот парк Галичица и експресен пат кој преку Галичица треба да води до границата со Албанија. Ова меѓу другото стои во извештајот објавен од УНЕСКО, по посетата на нивна делегација на Охрид во април годинава. УНЕСКО уште предупредува дека состојбата во Охрид станува се` поранлива и затоа државата треба да одговори на нивните препораки и да ги разгледа опциите за еко-туризам. Не се исклучува можноста охридскиот регион за две години да се најде на листата на „Светско наследство во опасност“.

„Ако приоритетните препораки не се имплементираат во препорачаниот период од две години, во 2019 година регионот може да ги исполни критериумите за запишување на листата на светско наследство во опасност. Мисијата во 2017-та заклучи дека дел од предложените големи инфраструктурни и градежни проекти ќе доведат до неповратни промени во заштитеното подрачја“, стои во извештајот.

Македонски власти имаат две години да постапат по забелешките, како и да изнајдат алтернативна рута за изградба на железничката пруга до Албанија, со цел таа да не поминува покрај самиот брег на Охридското езеро.

Истовремено, Македонија и Албанија се повикуваат на поголема соработка за да се вклучи албанскиот дел од Охридското езеро под заштитата на УНЕСКО.

Од граѓанската организација Фронт 21/42 велат дека новата Влада и Парламентот треба формално да ги стопираат ваквите планови, а веднаш потоа да обезбедат спроведување на Законот за управување со Охридскиот регион.

„Нема веќе никакво сомневање дека таканаречените развојни проекти ќе донесат уништување на вредностите на Охридскиот регион, поради кои е прогласен за заштитено подрачје. Ова е вистинско време за целосно напуштање на сите деструктивни планови и одбирање на друг пат за развој на нашето најголемо природно богатство. Повеќе од три години се бориме против одлуката да се променат зоните на заштита во НП Галичица, со цел да се создадат „законски“ услови за изградба на ски центар, автопат и туристички развојни зони“, изјави Александра Бујароска од граѓанската организација Фронт 21/42.

Извештајот беше нов поттик за различни граѓански организации да бараат од Европската банка за обнова и развој, МЕПСО и други потенцијални инвеститори пренасочување на средствата кон проекти за еко-туризам и заштита на Галичица.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG