Без напојување со електрична енергија останаа неколкуте градски плажи во Охрид, со што беа принудени да престанат со работа. Ова доаѓа откако општината им даде рок од осум дена на поранешните стопанственици, сами да почнат да ги отстрануваат објектите на плажите и поставените платформи во водите на Охридското езеро, поради истечените договори за концесија уште од 2017-та година. Ова се толкува како обид да се почитуваат одлуките и барањата на локалните власти.
Тие тоа не го направија, па градоначалникот на Охрид, Константин Ѓеорѓиевски, уште пред неколку дена најави дека општината ќе отпочне со процес на нивно отстранување. На почеток треба да бидат демонтирани платформите, а објектите ќе мора да бидат затворени и пломбирани.
Но, угостителските комори реагираат дека ова нема да му донесе ништо добро на туризмот, бидејќи се случува пред стартот на туристичката сезона.
„Факт е дека не ни се допаѓа. Секогаш пред сезона се случуваат овие работи. Но, пред да се руши, треба да се изготви стратегија, што всушност ќе се прави и што ќе се постигне со тој простор. Најлесно е да се руши. Тешко е повторно да се изгради и да се врати во функционалност тоа што било направено“, вели Здравко Јосифовски, претседател на Националната угостителска комора.
„Рушење во моментот без соодветна стратегија дали понатаму и како ќе се користи во склоп на туризам и угостителство, местото односно плажата и локацијата, е само избрзано и краткорочно решение, кое ќе направи ненадоместливи штети не само за туризмот, туку и за угостителите и луѓето што живеат во тие средини“, додава Јосифовски.
Од ЕВН Македонија информираат дека на плажите им била исклучена струјата по барање на општината, како надлежен орган кој во моментот стопанисувал со земјиштето.
Концесионерите минатата недела побараа од општината одлагање на активностите за рушење до крајот на туристичката сезона (средина на септември), или до изнаоѓање соодветно решение.
Тие побараа и одржување на седница на Советот на Општина Охрид, на која би се дискутирало за актуелните збиднувања и активности од страна на локалната самоуправа, за статусот на угостителските објекти лоцирани во крајбрежниот појас во контекст на препораките од УНЕСКО.
Во барањето меѓу другото стои:
-Времено регулирање на односите на постојните вршители на дејност на угостителските објекти лоцирани на крајбрежјето.
-Изнаоѓање на преодно решение за усогласување на објектите, согласно препораките на УНЕСКО и постоечката регулатива.
-Импликации на статусот на вработените во објектите, како и на самите стопански субјекти.
-Итно одлагање на активностите со рушење до крајот на туристичката сезона (средина на септември), или до изнаоѓање соодветно решение.
-Ажурирање на постапките по однос на јавното наддавање и издавање под закуп од 2018-та година, кои не се формално завршени.
Но, од општината велат дека Советот не бил надлежен да носи такви одлуки.
Димитар Пендов, досегашен концесионер на плажата Потпеш, вели дека тие како концесионери ги поздравуваат напорите на општината и државата за справување со урбаното дивеење, но смета дека плажите му се потребни на Охрид, каде секој ќе може да ужива, но притоа да се почитуваат сите препораки и еколошки правила.
„Ние детално го проучивме извештајот на УНЕСКО и во него плажите се споменуваат на две места. На едното место се споменува дека во понатамошниот тек треба да се врши постојана контрола дали плажите се придржуваат на оние проекти кои ги добиле на времето и да се внимава на испуштање на отпадни води. Никаде во извештајот на УНЕСКО не стои дека плажите не треба да постојат. Треба да се има во предвид дека плажите се најмногу на мета на јавноста и органите незаслужено. Ние во Охрид имаме 1000 дивоградби. Ако и плажите ги ставиме во нив тоа е само еден процент. Плажите се градени по урбанистички проект кој е одобрен од Министерство за транспорт и врски, Министерство за животна средина, локална самоуправа и Завод и музеј Охрид“, изјави Пендов.
Пендов вели дека ќе ги плаќале сите давачки кон државата и општината и оти редовни вработувале триесеттина луѓе. Градоначалникот Константин Ѓеорѓиески, најави дека акцијата за расчистување на Охридското крајбрежје ќе продолжи се до отстранување на последниот објект. Досега се исчистени десеттина плажи.
„Градот мора да се рестартира и да се почитуваат законите, а моја работа е да ги спроведам на дело. Годините наназад крајбрежјето на Охридското Езеро беше узурпирано од нелегални градби надвор од сите договори за концесија и законски прописи. Тоа мора да запре. Ставаме крај на самовилието и девастирањето на светското природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО“, вели градоначалникот.
Тој додава дека по долги години плажите ќе бидат слободни за туристите, посетителите и граѓаните на Охрид и дека се отстрануваат објектите кои со години остварувале противзаконски профит на сметка на општината и оти општината не отстапува од спроведување на законските прописи и препораките на УНЕСКО.
Инаку едно од барањата на УНЕСКО, охридксиот регион да не се најде на листата на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО, е решавањето на проблемот со нелегалните градби, пред се во заштитениот појас на Охридското езеро и Националниот парк Галичица.
Facebook Forum