20 години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на конфликтот, но и се исцртаа контурите на идното уредување и функционирање на државата, земјата е стабилна, дел е од НАТО и очекува старт на преговори со Европската Унија.
На денешното одбележувањето на 20- годишнината немаше ниту еден од лидерите кои беа потписници на Договорот – Борис Трајковски загина во авионска несреќа, Џафери и Имери починаа, а Црвенковски и Георгиевски решија да не се појават на јубилејот. Сегашната опозиција, пак, не прати претставник.
Според шефот на државата Стево Пендаровски, кој во 2001 беше дел од Кабинетот на претседателот Трајковски, Договорот го издржал тестот на времето иако, како што рече, е далеку од совршен.
„Во изминативе 20 години во мојот став за Договорот немаше промени: имено, и тогаш и денес сметам дека тоа беше најдобриот можен одговор на политичкото раководство на тогашниот внатрешен безбедносен, политички и историски контекст. Сепак, една димензија на документот, според мене есенцијална, не е експлицитно наведена во него. Имено, дека двете најбројни заедници за битните, за стратешките прашања не треба да си работат зад грб, туку заедно. Темелниот предизвик е како да размислуваме надвор од етничките и партиските агенди кои се често етнички обоени и на тој план, нам, на политичарите ни претстои уште многу работа“, рече Пендаровски.
Али Ахмети, кој во 2001 ја водеше воената ОНА, и кој 20 години подоцна ги помина на чело на ДУИ, повика на спроведување на Договорот и почитување меѓу заедниците.
„Се` уште во оваа држава има стереиотипи и предрасуди. Се` уште има заинтересирани кои се мотивираат од идеологии и држави кои не сакаат нашата држава да напредува, туку сакаат нивни влијание да доминираат. Ние немаме друга алтернатива. Да ги почитуваме постигнатите договори, да успееме заедниците во оваа држава да бидат господари на нивните судбини, да не ни пречи ниту јазикот, ниту културата на другиот“, рече Ахмети.
Џорџ Робертсон, кој пред 20 години беше на чело на НАТО, потсети колку било тешко да се дојде до компромис кој според него е основата на секоја демократија.
„Мислам дека Европа и Балканот го потценија начинот на кој Охридскиот договор даде пример, образец за решавање на конфликти. Тој има свои несовршености, никогаш не го гледавме како совршен и се` уште има луѓе кои сметаат дека дале премногу или добиле премалку. И двете овие гледишта се на погрешната страна од историјата. Консензусот, компромисот и рамнотежата, толеранцијата можеби не се модерни во свет кој е склон кон авторитарен модел, но тие се темелот на просперитетни, задоволни и мирни демократии кои повеќето луѓе ги сакаат“, изјави Робертсон.
Создадовме граѓанска држава со еднакви услови за сите, порача премиерот Зоран Заев, во чиј мандат беше донесен Законот за јазиците со кој се заокружи Охридскиот договор.
„Охридскиот договор потпишан со помош на меѓународната заедница, стави крај на конфликтот, кој за жал понесе и жртви, но од оваа дистанца можеме слободно да кажеме дека е гаранција на мирот, кој подоцна го надградивме и унапредивме, создавајќи заедница во која граѓаните имаат соживот и меѓусебно почитување и толеранција“, рече Заев.
САД, кои директно учествуваа во посредништвото и олеснувањето на политиките преговори, преку изјава на амбасадорката Брнз и видеообраќање на портпаролот на Стејт департментот, порачаа дека се гордеат што заедно со Северна Македонија ја прославуваат 20- годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор.
Facebook Forum