Линкови за пристапност

Потребен е нов договор за заштита на Охридското Езеро


Охридското езеро во опасност од загадување од отпадни води
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Експерти за Гласот на Америка, велат дека поради проблеми со отпадни води и урбанизација, потребен е нов план за заштита на езерото

Охридското Езеро, кое под заштита на Унеско е од 1980 година, и натаму се соочува со сериозни проблеми со урбанизацијата и со функционалноста на колекторскиот систем за заштита од отпадни и на фекални води.

Експертите велат дека некои делови на крајбрежјето, воопшто не се опфатени со постоечкиот колектор, а за локалните власти во Охрид неопходна е надградба и реконструкција на системот, стар 30 години.

„Во 2004 година Македонија и Албанија потпишаа билатерален договор за заштита на Охридското езеро. Но, договорот сега треба да биде ревидиран за да се прилагоди и на новите процеси во регионот“, предупредуваат експертите.

Како резултат на овој договор, беше формирано и Билатерално тело за заштита на езерото, во кое членуваат експерти и владини претставници.

„Во текот на неговото спроведувње имавме добри моменти, но и слабости. После 12 години треба да го разгледаме уште еднаш, за да видиме што е направено, како и да почнеме со негово прилагодување на новите економски, еколошки и социјални услови, со цел обезбедниме квалитетна заштита на езерото“, рече Дејан Паноски од Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро.

Трајче Талески од Хидробилошкиот институт во Охрид, смета дека Македонија и Албанија треба да ги засилат активностите за заштита на езерото.

„Мора да се прави нешто заедничко.Треба да се направат нови заеднички планови за заштита на езерото. Прво треба да се спречи урбанизацијата, бидејки таа претставува голема деградација на бреговата линија, како и да се заврши колекторскиот систем“, рече Талески.

Минатата година, на дел од албанската страна на крајбрежјето беа срушени повеќе од шеесет објекти.

Аријан Мероли од Општина Подградец и поранешен претставник на Албанија во Билатералниот комитет, вели дека треба да се разгледа можноста за ревизија на договорот.

„Треба нешто поконретно да работиме бидејки имаме неколку спорови во нашата соработка меѓу двете страни.Она што е проблематично за овој договор е што ние немаме заеднички структури што треба да работат перманентно“, рече Мероли.

Градоначалниците на Охрид и на Подградец Никола Бакрачески и Едуард Капри, на одбележувањето на 21 јуни- Денот на Охридското Езеро, ветија дека ќе го чуваат за идните генерации.

XS
SM
MD
LG