Линкови за пристапност

Државата должи над 60 плати на работници во „ЕМО“


ЕМО Охрид
please wait
Embed

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Работниците велат дека треба да се исплатат повеќе од половина милион евра за пензиско и за здравствено осигурување

Државата не исплатила повеќе од 60 плати на поранешни и сегашни вработени во некогашниот гигант „ЕМО“.

Охридската фабрика, која вработуваше и до 3.000 луѓе, сега е причина за големата голгота низ која секојдневно поминуваат нејзините сегашни и поранешни вработени.

„ЕМО“ со години наназад е фирма загубар, за која државата не може да најде решение, и покрај неколкуте ветувања од власта дека компанијата ќе биде продадена.

Организирани во Синдикат, 80-тина работници бараат од државата да им ги исплати заостанатите плати, како и придонесите за пензиско и за здравствено осигурување, кои се проценуваат на повеќе од половина милион евра.

„Целта на овој Синдикат е да се исплатат платите на сите вработени, како и да се реши статусот со прогласување на технолошки вишок, стечај или друг основ со определен надомест, до пензионирање или следно вработување. Ова прашање може лесно да се реши, но надлежните институции во државата немаат слух за проблемот“, вели Миле Крстаноски, претседател на синдикатот во „ЕМО“.

Работниците велат дека ваков случај не постои на друго место во светот.

„Имам работен стаж 26 години. Година и половина не ми е исплатена, па поради тоа сега не го исполнувам правото за тој надомест до пензионирање или повторно вработување. Ова го нема ниту во Африка“, рече Гоце Николески, стечаен работник во „ЕМО“.

Бајрам Бајрам, вработен во „ЕМО“ пак додава:

„Просекот на нашите вработени е околу 50 години. Можеме да одиме само на матичен лекар, но секундарно и терцијално лекување немаме. Мораме да плаќаме приватно. Многумина се разболеа и дадоа отказ, бидејќи не можеа да се лекуваат“, вели Бајрам.

Останатите, од вкупно 3.000 работници до 2013-та година отишле под стечај. Многу малку од нив успеале да заминат во пензија оти не го исполнувале законскиот услов.

„ЕМО“ заедно со останатите фабрики „Отекс“, „Братство“, „Лихнида“ и други, во минато вработуваа повеќе од 20.000 работници, правејќи го Охрид вистински индустриски центар во Македонија.

„`Емо` е една од трите компании во Охрид со над 3.000 вработени во периодот на социјализмот. Но, од тие три компании не остана ни трага од нив. Ќе ги споменам `Херој Тоза Драгович`, `Застава`, `Отекс` со повеќе од 3.000 вработени. `Херој Тоза Драгович` беше поделена на шест, и од неа остана само `Леарница`, која работи профитабилно и квалитетно“, вели Крстаноски.

Работниците најавија дека нема да се откажат да се борат за нивните права.

Нашите напори да стапиме во контакт со одговорните и поранешни официјални лица од фабриката останаа безуспешни.

XS
SM
MD
LG