Процесот за зачленување во ЕУ бара од земјата меѓу другото и ја усогласи законската регулатива во социјалната област, за што стана збор на средбата на Здружението на правници на Република Македонија, што започна во четврток во Охрид.
Според државниот советник во Министерството за труд и социјална политика, Стојанчо Трајанов, се` уште има проблеми во спроведувањето на законот посебно во делот на регулирањето на работно-правниот статус при вработувањето на работниците, со склучувањето на договорите за вработување, како и во делот на почитувањето на работното време и прекувремената работа.
Маријана Марушиќ, одговорно лице за заштита на личните податоци во Македонски Телеком, смета дека Македонија бележи голем напредок во однос на заштитата на личните податоци:
„Има обврска за сите оние кои ги обработуваат личните податоци, да ги почитуваат. Тоа значи дека може да ги обработуваат личните податоци само за конкретни јасни и со закон утврдени цели, и само во оној обем колку што е потребно да се исполни одредена цел“, вели Марушиќ.
Според неа досегашните искуства покажуваат дека поголем број на неовластените откривања на личните податоци досега регистрирани биле главно заради непознавањето на одредбите од Законот.
Што се однесува пак до психолошкиот терор на работното место, стручњаците велат дека мобингот е присутен во Македонија.
„Мобингот има свое место во Законот за работни односи а уште повеќе со измените на овој закон од септември оваа година каде се допрецизирани ситуациите во кои може да се препознае мобинг, а тортурата на претпоставен врз потчинет работник е најзастапениот вид мобинг“, вели продеканот на Правниот факултет Јустијан Први, проф. д-р Тони Каламатиев.
Околу 300 судии, нотари, адвокати, претставници на фирми, извршители и други правни експерти два дена во Охрид ќе расправаат на тема остварување на правата од работен однос, заштита од мобинг и дискриминација, колективно договарање, заштита на личните податоци и други актуелни теми во областа на работните односи. Средбата е во организација на Здружението на правници на Република Македонија.