Важноста на регионалната политика се гледа во поттикнување на дискусија и размена на искуства меѓу земјите од Европската унија и земјите-кандидати, беше истакнато на Регионалната дводневната конференција "Надминување на регионалните диспаритети", што понеделникот започна во Охрид.
Учествуваат околу 130 министри и претставници од надлежни институции и организации од вкупно 16 земји од Југоисточна Европа и регионот на Кавказ. Конференцијата ја отвори министерот за локална самоуправа на Република Македонија Муса Џафери, кој ја акцентираше потребата од спроведување на подобра регионална политика што ќе биде усогласена со политиката на ЕУ.
„Свесни за придобивките од регионалата политика на Европската унија, следниот наш предизвик е домашната политика на рамномерен регионален развој да ја ставиме во контекст на европската и да ги зголемиме ефектите. Пред се, преку јакнење на нашите капацитети за асорпција на средствата од Европските фондови и нивно ставање во функција на регионалниот развој, а со тоа и на развојот на државата“, рече Џафери.
Учесниците се надеваат дека со заедничка работа ќе се олесни разбирањето меѓу политичарите и експертите на европско, регионално и национално ниво. Поединечно не може да се постигне подобрување на регионалната политика, истакна Питер Востнер, претставник на Владата на Република Словенија и модератор на конференцијата.
„Ниедна земја не може сама да успее. Сакаме да истакнеме дека на оваа конференција, од таканаречената Охридска агенда ќе произлезе заедничката порака од сите учесници. Се надевам дека ќе го изработиме идниот план кој се однесува на полето на надминувањето на регионалните разлики“, рече Востнер.
Разбирањето на регионалната политика и развој подразбира вклучување на сите елементи и координација со останатите сектори во системот на владеење, посочи Гундула Крајс, консултант од Германското друштво за техничка соработка: „Зајакнувањето и интензивирањето на мрежите меѓу политичарите и експертите треба да е во поглед на размена на искуствата, локален трансфер и соработка при примената на европската регионална политика, регионалниот развој и локалното управување во регионите“.
Документот „Охридска агенда за регионална политика во Југоисточна Европа и Кавказот“ ќе ги содржи препораките за националните и за идните регионални политики на ЕУ за наредниот период на планирање 2014-2020 година, врз основа на конкретните потреби на земјите. Препораките ќе бидат и формално доставени до надлежните институции на ЕУ.
Конференцијата е во организација на Министерството за локална самоуправа на Република Македонија и Германското друштво за техничка соработка.