Линкови за пристапност

Конгресни реакции на говорот на Обама во Вест поинт


Поделеност по партиски линии за визијата за американскиот ангажман во светот.

Еден од главните конгресни критичари на надворешната политика на Барак Обама жестоко реагираше на вчерашниот говор на американскиот претседател пред дипломците на Воената академија Вест поинт, во кој ја изложи својата визија за американскиот ангажман во светот. Републиканскиот сенатор Џон Мекејн, кој беше противкандидат на Обама на претседателските избори 2008-ма, континуирано тврди дека актуелната американска влада е нерешителна и не сторила доволно во однос на ситуациите во Сирија и Украина, така што не беше за изненадување што го критикуваше најновиот говор во кој претседателот се заложи прво за мултилатерализам и дипломатија, па потоа за армиска акција.

За радио-станицата КФУИ од Феникс, во неговата родна сојузна држава - Аризона, Мекејн изјави: „Никој од нас не сака да испрати единици во Сирија, така што тој да продолжи со манипулацијата дека сите интервенционисти сакаат да испратат американски сили насекаде во светот - тоа, очигледно, не е точно“.

Иако распоредувањето на американски сили во Сирија не е опција, кажа Мекејн, САД треба ги вооружат бунтовниците што се борат против режимот на претседателот Башар ал-Асад.

Мекејн беше подеднакво остар и во однос на распоредот на Обама за повлекување на американските сили од Авганистан.

„Сега гледаме повторување на Ирак во Авганистан, и прашањето е дали сето ова е за тоа тој (Обама, н.з.) да може да каже дека силите се повлекле од обете земји до крајот на неговиот мандат. Мислам дека ова не ја зема предвид идната безбедност на оваа земја. Мошне жално време, а тој сега ќе говори за контратероризмот и други нешта што, очигледно, се потребни. Но, првото нешто што САД треба да го сторат е да го вратат својот кредибилитет”, рече Мекејн.

Републиканскиот сенатор предупреди дека американското колебање на светската сцена ќе придонесе за „тешка цена“ во „американска крв и богатство“.

Републиканскиот конгресмен Ед Ројс, претседавачот на Комисијата на Претставничкиот дом за надворешни работи, имаше слична реакција на говорот на Обама.

„Премногу често, по силните зборови следеше малку, или пак воошто немаше акција. Како резултат, дојде до општ губиток на американскиот кредибилитет, со што стана речиси невозможно да се води успешна надворешна политика“, наведува Ројс.

Демократите позитивно реагираа. Елиот Енгел, највисокиот по ранг демократ во Комисијата на Претставничкиот дом за надворешни работи, коментираше дека „претседателот Обама изложил јасна и моќна аргументација за американското лидерство во 21-от век и зошто САД мора да останат ангажирани ширум светот... Работејќи со нашите партнери насекаде во светот на промоција на слободата, просперитетот и можностите, ние истовремено ги јакнеме нашите сопствени интереси, создавајќи посилни односи за придонес кон глобалната економија и проектирање на стабилноста низ регионите“.
XS
SM
MD
LG