Линкови за пристапност

Обама побара овластување од Конгресот за употреба на армиска сила против Исламската држава


Обама даде зелено светло за тековните воздушни напади против цели на ИД во Сирија и Ирак повикувајќи се на овластувањето што Конгресот во 2001-ва му го даде на тогашниот претседател Џорџ В. Буш по терористичките напади на 11-ти септември
Обама даде зелено светло за тековните воздушни напади против цели на ИД во Сирија и Ирак повикувајќи се на овластувањето што Конгресот во 2001-ва му го даде на тогашниот претседател Џорџ В. Буш по терористичките напади на 11-ти септември

Ги повика законодавците да „покажат на светот дека сме обединети во нашата решеност да се спротиставиме на заканата“

Американскиот претседател Барак Обама денес испрати барање до Конгресот да му даде овластување да употреби армиска сила против милитантната организација Исламска држава, повикувајќи ги законодавците да „покажат на светот дека сме обединети во нашата решеност да се спротиставиме на заканата“.

Вчера, пред Обама да го упати барањето, портпаролот на Белата куќа Џош Ернест кажа дека иако претседателот верува дека веќе има овластување да нареди армиска акција против Исламската држава (ИД), новото овластување ќе значи „моќен симбол“ на единство за растурање и уништување на ИД.

„Уште пред претседателот да го најави ова во ноември, владини претставници разговараа со демократите и републиканците во обата дома на Конгресот, во обид да се изнајдат заеднички јазик. Претседателот верува дека оваа порака би била уште помоќна доколку има двопартиска поддршка“, кажа Ернест.

Обама даде зелено светло за тековните воздушни напади против цели на ИД во Сирија и Ирак повикувајќи се на овластувањето што Конгресот во 2001-ва му го даде на тогашниот претседател Џорџ В. Буш по терористичките напади на 11-ти септември.

Новото овластување, коешто треба да го замени даденото од Конгресот за војната во Ирак, би траело три години и наводно би дозволило распоредување на специјални сили и советници што не би биле обврзани со географски ограничувања, но не би дозволило распоредување на офанзивни копнени сили на подолго време.

„Претседателот верува дека не е повеќе во наш национален интерес да распоредуваме огромен број американски војници на теренот, во борбена улога во Ирак и Сирија“, соопшти Ернест. Портпаролот на Белата куќа кажа и дека консултациите меѓу Владата и Конгресот изминативе недели се интензивирале, како и дека финалната верзија на овластувањето ќе биде производ на ваквата дискусија.

Водачот на сенатското мнозинство, републиканецот Мич Меконел изјави дека прашањето најверојатно ќе доминира во конгресните дебати наредниве неколку недели.

„Ова прашање е од толкава важност што, од процедурална гледна точка, ќе се обидеме во разговорите што ќе започнат наредната недела да вклучиме секого од наша страна. Не постои посериозна тема за Конгресот од оваа, давање на зелено светло за употреба на армиска сила. Со нетрпение го очекуваме текстот што претседателот смета дека ќе биде потребен“, рече Меконел.

Американските законодавци проследија сведочења на стручњаци за контратероризам, дека преку 20.000 доброволци од над 90 земји се собираат во Ирак и Сирија за да се приклучат на Исламската држава. Според Националниот центар за контратероризам, преку 150 од нив се Американци или пак лица со американската „зелена карта“.

Ваквиот број е без преседан и ја надминува онаа на лицата коишто се приклучиле на борбите во Авганистан, Пакистан, Ирак, Јемен или Сомалија во последниве 20 години.

Еден од оние коишто сведочеа пред Конгресот е вишиот политички аначитичар во Корпорацијата Ранд и поранешен армиски офицер Рик Бренан. Тој оценува дека бројноста го отсликува генерацискиот предизвик на нашето време и фактот дека радикалните исламистички организации изминативе неколку децении се намножиле.

„Во 1988-ма, имаше само три вакви организации во светот. До 2001-ва, бројот се зголеми на 20 и порастот продолжи со мошне солидно темпо се` до 2010-та. Но, во голем дел како резултат на турбуленцијата од Арапската пролет, бројот од 32 во 2010-та нарасна на дури 51 во 2013-та“, изјави Бренан.

Тој даде и податок дека бројот на поединечните странски борци се зголемил од 22.000 во 2001-та на околу 90.000 во 2013-та, а успехот на групата на ИД во 2014-та придонесе овие бројки брзо да се зголемуваат.

„Денес сме сведоци на комплетна експлозија на поединци коишто ја споделуваат оваа радикална исламска идеологија, коишто одат во Сирија и Ирак да се борат за ИД, бидејќи на тоа гледаат како на можност да бидат дел од голем исламски калифат којшто ИД кажа дека сака да го создаде“, вели Бренан.

Овој стручњак додава дека странските борци се одзиваат на глобалното бунтовништво врз основа на револуционерната идеологија за исламска доминација. Вели, може да има милиони кои би ја поддржале или кои би биле симпатизери на казуата. Сепак, тој е категоричен дека одговорот не е воена акција. Цитирајќи го египетскиот претседател Абдел Фата ел-Сиси, Бренан рече дека ова е рак во исламот којшто само оние во исламот можат да го искоренат. Стручњакот од Корпорацијата Ранд смета дека Западот мора да ги поддржи водачите коишто се подготвени да преземат ризици за да се спротистават на овој предизвик.

XS
SM
MD
LG