Линкови за пристапност

Зошто Трамп се противи на Северен ток 2?


Со критиката на претседателот Доналд Трамп за учеството на Германија во изградбата на гасоводот Северен ток 2 со Русија започна дводневниот состанок на НАТО во Брисел. Но, овој настан исто така можеби го постави и тонот пред средбата на американскиот претседател со неговиот руски колега во Хелсинки.

Во вжештената дебата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Трамп рече дека со гасоводот Северен ток 2 кој ќе испорачува гас за Германија директно од Русија преку Балтичкото Море Берлин се става под „целосна контрола“ на Русија.

„Ние треба да ве заштитиме од Русија, но Германија плаќа милијарди долари на Русија. Мислам дека тоа е несоодветно“ му рече Трамп на Столтенберг.

Според американскиот претседател, Германија „ги затворила постројките за јаглен, се ослободила од нуклеарната енергија за да добива голема количина нафта и гас од Русија. Мислам дека НАТО мора да го разгледа тоа“ рече Трамп.

Германија е најголемиот потрошувач на природен гас во Европа, а според лондонската организација „Marex Spectron“ половина од потребите за задоволуваат од Русија. На рускиот гас отпаѓа околу 20 проценти од севкупната енергетска потрошувачка.

Со Северен ток 2 чија изградба треба да заврши до 2019-та година, увозот на руски гас треба да се удвои.

Американската администрација подолго време се залага Германија, најголемиот европски потрошувач на енергија, да купува американски течен природен гас во обид да ја истиснат руската доминација на пазарот.

Полска и Литванија, кои се најгласните европски критичари на Северен ток 2 веќе изградија терминали за течен природен гас. Но, другите поранешни советски републики како што се Украина, Латвија и Естонија предупредија на се` поголемата зависност од руската енергија, што е директно загрозување на европската безбедност.

Тие тврдат дека Северен ток 2 ќе ги лиши транзитните држави, како Полска и Украина од милијарди долари годишни транзитни такси, и ќе и даде на Русија начин да ги казнат противниците од Источна Европа без да се жртвуваат добрите бизнис договори.

Според експертот за енергетика од Атлантскиот совет, Агнија Григас, Северен ток 2 е во спротивност со официјалната стратегија за енергетска безбедност на Европската унија, со која се повикуваат државите членки да ги диверзифицираат изворите на енергија.

XS
SM
MD
LG