Пораката на еврокомесарот за проширување дека „приоритет треба да има законот за јавно обвинителство за кој Брисел се надева дека ќе биде усвоен од овој парламентарен состав“ ги „размрда“ партиите кои учествуваат во разговорите за изнаоѓање компромисно решение. Само ден по изјавата на Оливер Вархеји власта изготви нов предлог закон кој веќе и е пратен на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ најавува дека во наредните ќе го анализира текстот и дека следната недела може да се очекува средба на работните групи.
„Ова е веќе четврти предлог, со поинаков текст од претходните три и од оној кој се уште е во собраниска процедура. Би било коректно од собраниското мнозинство да го повлечат овој предлог-закон кој е во собраниска процедура, за да можеме да разговараме за новопредложениот. Повторно се остава еден законски обид за тимот на СЈО да се вдоми во тимот на Вилма Рускоска која сега е замена за Јанева“, рече Антонијо Милошоски, член на работата група на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата смета дека иако е кус периодот сепак има време за усвојување на законот до распуштањето на парламентот закажано за 11 февруари. И мнозинството се надева на договор.
„Искрено се надевам дека ова ново понудено законско решение ќе биде прифатливо за да седнеме и онака како што налага Деловникот, нис конструктивна собраниска расправа да донесеме закон, консензуално, бидејќи ваков закон може да биде добар само ако биде донесен со консензус“, рече Снежана Калевска-Ванчева од СДСМ.
Во новото решение, како што изјави лидерот на СДСМ, нема СЈО, а предметите на ова обвинителство се под надлежност на редовното обвинителство што, според, Заев треба да придонесе за порелаксирана атмосфера во која страните би се договориле за овој закон чие усвојување иако формално не е услов, сепак е важен чекор за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ.
Facebook Forum