Линкови за пристапност

Увозот на токсичниот отпад предизвика политички полемики со изместен фокус


Еко-активистите ги обвинуваат партиите во парламентот дека пред граѓаните и во јавноста, покажуваат наводна загриженост, а всушност, прават сè за законот да не се донесе

Откако без адекватно образложение беше одложена расправата за Предлогот за изменување на Законот за управување со отпад по скратена постапка, поднесен на 20 декември минатата година, од пратеничките на ДОМ, Маја Морачанин и Лилјана Поповска, кои со измените бараа забрана за увоз на отпад што согорува како извор на енергија, реагираше партијата на „зелените“. ДОМ побара итно да се изгласаат измените со кои се забранува увоз на отпад како гориво и се отстранува еден од изворите на загадување, аргументирајќи го барањето со актуелното енормно аерозагадување и непостоењето или кревкоста на постоечките контролни институции во државата.

„На изненадување на предлагачите и на сите што го следат процесот..., претседателот Џафери ја прескокна точката, со образложение дека не се создадени деловнички услови за разгледување. На процедурална забелешка на пратеничката Лилјана Поповска дека законот е поддржан и од матичната комисија и од Законодавно-правната комисија, и дека со тоа се исполнети деловничките услови, следеше ново појаснување од претседателот, дека всушност, не е постигната согласност за разгледување од координаторите на пратеничките групи“, соопшти денеска партијата ДОМ која апелираше координаторите на пратеничките групи да не го опструираат донесувањето на законот што ќе ги заштити животната средина и здравјето на граѓаните.

Со поостро соопштение излезе О2 Иницијативата во чие соопштение стои дека собраниските служби ја изветиле јавноста оти на „координација“ на пратеничките групи на власта и на опозицијата, било констатирано дека „има некаков проблем“: „Нека повелат и објаснат на целата македонска јавност четирите координатори на пратеничките групи Јован Митрески, Никола Мицевски, Ејуп Алими, Емилија Александрова и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој и каков проблем имал со гласањето за овој закон“.

Активистите се заканија дека доколку „реализацијата на овој закон, важен за сите нас, за нашето здравје, за чисти градови и села и за општествениот бенефит“, не биде основа за старт на секоја идна комуникација на пратениците со било која невладина организација која се залага за заштита на животната средина, таа комуникација „може и комплетно да замре пред 12 април (закажаните парламентарни избори – н.з.), тогаш кога најмногу ќе ви треба нашиот глас“

„Постои ли тема која може да ги обедини сите партии во Собранието? Секако дека постои, и секако дека е тоа на штета на граѓаните и на јавниот интерес. Одбегнувањето на гласањето за законот за забрана на увоз на опасен отпад кој се користи како енергенс е најсвежиот пример од длабоките фотелји на таканаречените народни претставници. Измените на законот кои без ниту една забелешка или амандман поминаа на собраниска комисија, наводно заглавија поради координација на партиите. Всушност, секому при здрава свест му е јасно дека планираните чекори во тајните собраниски ходници се само ПР-алатка, со која партиите пред граѓаните и во јавноста, покажуваат наводна загриженост и подготвеност за усвојување на поостри мерки за контрола на опасниот отпад и намалување на загадувањето, а во суштина, ќе направат сè за овој закон да не го види светлото на денот, а тие никогаш да не мора да се изјаснат за менувањето на трасата на милионските суми кои ги контролира еко-мафијата, регионална и локална. Наводното барање соработка со граѓанските организации, кампањските ветувања пред изборите во април, се само пуштање смог и магла во нашите очи!“, се вели во реакцијата на 02 Иницијативата.

На македонската политичка сцена ја отвори дебатата за евентуалната вина на политичките елити за заткулисните заговори – со кои се жртвува и здравјето на граѓаните и нивната иднина, преку загроозувањето на животната средина, а поради бизнис интереси на моќниците


И покрај истрагата во Италија, и апсењето и оставката на ресорниот министер во Бугарија, кои според медиумските извештаи се дел од истиот регионален скандал, техничкиот премиер, Оливер Спасовски, излезе со тврдење дека во Македонија не се увезува штетен отпад за кој нема сертификати: „Излегуваат многу информации, јас апелирам да ги проверуваме, посебно кога станува збор за сензитивна материја како оваа. Обвинителството поведе постапка со која се испитуваат наводите што се изнесуваат во јавноста. Од Министерството за животна средина имаме информација дека се увезува само отпадот што е дозовлен и за кој има сертификати, дека немаме штетен отпад кој е увезен во државата. Секако дека ова што се случува во Република Бугарија го следиме одблизу“.

И Царинската управа соошти дека мината година се увезени 2.215 тони отпад, „за кои што секој увозник уредно доставил дозвола издадена од соодветното Министерство (МЗЖСПП) и при тоа не станува збор за увоз на опасен отпад“, и посочи дека дополнително ја заострила контролата на секаков вид отпад и материи кои би можеле да го загрозат здравјето на граѓаните.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов изјави дека според информациите со кои располага не е внесен опасен отпад во земјата и во скопската депонија „Дрисла“, и препорача дека сè треба да се провери, повикувајќи ги надлежните институции и граѓанските организации на размена на информации за евентуалните нерегуларности. Градоначалникот Шилегов ја извести јавноста и дека Градот Скопје ја превзема депонијата „Дрисла“ и го разреши досегашниот директор Горан Ангелов (кадар на ВМРО-ДПМНЕ), кој беше наведен како еден од содружниците во фирмата што го извезувала отпадот од Италија во Бугарија.

По објавувањето на веста дека според статистичките податоци за периодот 2012 - 2014 година во Македонија биле увезени над седум милони тони отпад, најмногу од соседна Бугарија, имаше бројни реакции на социјалните медиуми. Со оглед на фактот дека македонската јавност веќе подолг прериод е преплавена од лажни вести и бројни спинови и манипулации од партиските кројачи на јавното мислење, компарацијата со податокот дека во 2019 година се увезени два милиона тона отпад, од кои 75 проценти се секундарни суровини, а не алтернативно гориво – отпад за согорување, доведе до политички полемики со изместен фокус, и до префрлување на вината во провладините медиуми, само на тогаш владеачката ВМРО-ДПМНЕ, односно, до амнестирање на актуелната власт на СДСМ.

Од друга страна, веќе традиционалната недоверба на граѓаните кон институциите на системот, по којзнае кој пат на македонската политичка сцена ја отвори дебатата за евентуалната вина на политичките елити за заткулисните заговори – со кои се жртвува и здравјето на граѓаните и нивната иднина, преку загрозувањето на животната средина, а поради бизнис интереси на моќниците.

О2 Иницијативата во вторникот обвини дека Македонија нема контрола на отпадот кој го увезува: „Ние не знаеме што точно ни влегува во земјата, ниту пак знаеме што и во која количина се ослободува при негово согорување, а последните случувања во Бугарија само ја потврдија основата зошто бараме забрана за увоз на отпад како извор на енергија“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG