Линкови за пристапност

Дел од македонските камиони поради пандемијата заглавени во Турција


Со цел контрола врз прехранбените продукти се презеде забрана за извоз на брашно и пченица, со што се стабилизира пазарот, а се овозможи да се имаат минимум државни резерви со кои ќе се гарантира дека во наредниот период нема да има недостаток од нив , во интервју за Гласот на Америка вели директорот на Царинската управа на Северна Македонија, Ѓоко Танасоски. Тој укажува дека она со што сега се соочуваме е проблемот со забраната за влез на патници и шофери во Турција, каде во овој момент се најголеми редиците.

Како во моментот се одвива протокот на стоки и услуги кон Македонија, со оглед на тоа дека голем дел од границите во Западен Балкан, па и низ Европа се затворени? Со какви проблеми се соочувате како царински испостави?

Танасоски: „Настанаа доста проблеми во однос на протокот на стока и патници на самите гранични премини ширум Западен Балкан и се разбира и во ЕУ. Се презедоа чекори да се изврши координација првично на ниво на Западен Балкан, во однос на тоа да дојде до некое регулирање на протокот на стоки, бидејќи на почетокот застоите беа големи, доцнењата на камиони не само со репроматеријали, туку и со она што претставува основен продукт беа доста големи. Сега можам да кажам дека после недела-две координација што се направи, се воведе некој вид на послободен проток на стоки. Можам да кажам дека за основните продукти, немаме големи доцнења, а и со носење на заклучокот на Владата, ќе се воведат и тие т.н зелени коридори, во однос на слободен проток на прехранбени продукти и медицинска опрема, а се разбира и на другата потребна стока за самата економија“.

Каде во моментот го имате најголемиот проблем и во која земја се заглавени најмногу македонски превозници?

Танасоски: „Она со што сега се соочуваме е проблемот со забраната за влез на патници и на шофери со 46 земји во Турција, каде во овој момент се најголеми редиците.“

Колку македонски камиони чекаат во Турција?

Танасоски: „Овие денови се вложуваат напори од страна на Владата на Република Северна Македонија некако да се регулира прашањето за забрана и начинот за извоз на роба во Турција и секако узвоз на роба, бидејки Турција претставува значаен трговски партнер на нашата држава. Во однос на бројот на камиони кои имаа проблем за влез во Турција, бројката на почетокот се движеше околу сто камиони, но тука голем дел од нив со воспоставување на забраната се вратија назад во нашата држава, добар дел ги оставија таму паркирани камионите, а самите шофери се вратија назад, а некои успеаја да се снајдат со тоа што воспоставија контакт со турски компании кои им ги презедоа приколките, извршија истовар на робата и истите ќе им ги товарат на воз и ќе им ги испорачаат во некои од земјите на ЕУ, каде нашите компании со шоферите со влекачи ќе одат и ќе ги преземат истите“.

Тешко ли е справувањето со една ваква глобална пандемија и вонредна ситуација во која се наоѓа и нашата држава?

Танасоски: „Царинската управа ги презеде сите мерки кои се на нејзино располагање, секако во координација и со другите институции. Сите оние негативни консеквенци во однос на слободниот транспорт на стоки се елиминирани. Се презедоа мерки во однос на движењето, во однос на тоа што беше неопходно во тој момент, а тоа беше етил алхохолот, бидејќи тоа претставува акцизна стока. Царинската управа излезе во пресрет на болниците и на јавниге и здравствени установи и аптеките и тука ја олесни комплетната постапка на дистрибуција на самиот етил алхохол, како и дистрибуцијата на етил алхохолот до компаниите кои произведуваа разни дезинфициенти. Исто така се презедоа мерки и во однос на спречувањето односно забраната за извоз на одредена медицинска опрема која беше клучна во тие моменти и се уште се набавува. И она што беше важно е да се воспостави контрола врз прехранбените продукти и затоа се презеде забраната за извоз за брашно и пченица, со што верувам се стабилизира и пазарот, а се овозможи да се имаат и оние минимум државни резерви со кои ќе се гарантира дека во наредниот период нема да има недостаток на тие продукти“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG