Линкови за пристапност

Никица Мојсоска – Блажевски: Во руралните средини ќе обучуваме наставници и деца да учат наука


Извршната директорка на непрофитната организација Македонија 2025, Никица Мојсоска – Блажевски за Гласот на Америка вели дека нивната цел е да го поддржат економскиот и општествениот развој на Северна Македонија. Смета дека програмите што ги спроведува организацијата ќе доведат до развој на добри идни лидери и поуспешни бизниси, но и дека ќе се зацврсти повразаноста со македонската дијаспора.

Глас на Америка: На почеток, би сакал да Ве прашам кажете ми што претставува Македонија 2025?

Целта на организацијата е да го поттикне развојот на Македонија

Никица Мојсоска – Блажевски: Тоа е една уникатна организација, основана е во 2007 година од нашите иселеници главно од Америка и Канада, меѓутоа потоа е проширена и на нашата дијаспора во Европа, Азија, а од пред неколку години се вклучени претставници од Македонија. Организацијата има своја канцеларија во Скопје, додека пак има статус на непрофитна организација во САД и во Канада. Целта на организацијата е да го поттикне развојот на Македонија, економскиот развој, меѓутоа исто така да придонесе кон подобро општество, демократско општество и сето она што се придобивки од една западна цивилизација.

Глас на Америка: На основањето на Вашата организација, една од целите беше да се поддрже Македонија на патот кон Европската Унија. Со оглед на тоа што сме крај на 2023 година, се чини дека не за скоро ќе бидеме дел од европското семејство. Дали тоа значи дека Вашата организација ќе треба да го промени името?

Никица Мојсоска – Блажевски: Ви благодарам на прашањето. Точно, името 2025 е ставено затоа што плановите биле да го помогнеме како што споменав развојот на Македонија, меѓутоа исто така се поставени одредени таргети кои што би сакале да ги постигне Македонија до 2025 година и тие таргети се однесуваат повторно ќе кажам и на економскиот развој меѓутоа и на општествен развој или велиме Македонија да е развиена земја која што е членка или дел од западното општество, цивилизација итн., што би вклучувало членка на НАТО и Европската Унија. Едната цел е постигната, другата се уште не е постигната, меѓутоа оние таргети кои што се поставени кои што ги споменав, за жал не сме ги исполниле, така што 2025 година се наближува меѓутоа мислам дека имаме уште многу работа до тогаш, и токму заради тоа напорите на организацијата се да се мобилизираат повеќе средства, да се зголеми нашето дејствување, нашиот импакт за да може Македонија да ги постигне тие цели.

Глас на Америка: Изминативе години реализиравте бројни проекти, со кои што и нудевте и поддршка на бизниси, но и стипендирање на ученици итн. Кажете ни која е Вашата примарна цел односно што конкретно работите?

Никица Мојсоска – Блажевски: Најпрво би сакала да споменам нешто што е карактеристично и уникатно за оваа организација, а тоа е дека ние сме целосно финансирани од членарини на Одборот на директори. Тоа не прави независни од донатори, независни од влади итн., и мислам дека тоа е основната придобивка или уникатност на организацијата. Покрај тоа што секој член на одборот, ги имаме вкупно 21, плаќаат членарина, го даваат своето време и енергија, своите контакти, она што некои од нив го прават е тоа што имаат и посебни програми кои што ги финансираат. Многу ми е тешко да одвојам посебни програми, меѓутоа ќе кажам дека главно програмите ни се во два столба. Едниот столб е поддршка на образование, лидерство и талентирани студенти, а вториот столб е поддршка на бизниси вклучително и подобрување на бизнис опкружувањето. Најголеми програми, по бројност, по финансиски средства, тоа се стипендиите Атанас Близнаков кои што се доделуваат на студенти на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Македонија, како и програмата Келогг каде што даваме стипендии на извршни директори кои што се образоваат односно извршен тренинг поминуваат на Нортвестерн Универзитетот тука односно на Училиште за бизнис на Келогг, покрај тоа значи има многу други програми како што се стипендии за средношколци, како што се обуки на млади луѓе, за висока технологија, кодирање, роботика, меѓутоа секогаш нашите таргет групи, тоа се деца кои што потекнуваат од ранливи категории. Би го спомнала и кампот во Охрид за високотехнолошка извонредност, кој што покрај тоа што ги обучува децата за кодирање и роботика, тој ги поврзува децата од Македонија и од дијаспората и учат заедно за кулутрата меѓусебна, развиваат идни контакти, бидејќи знаете нашата дијаспора веќе старее и многу е важно да се одржат контактите со трета или четврта генерација на млади луѓе. Покрај тоа, ги споменав програмите за поддршка на бизнисите. Тука би ја спомнала програмата на семејството Битов преку која што канадски експерти доаѓаат во македонски компании и им помагаат да се развиваат, да почнат да извезуваат итн., понатаму програмата Лидер во која што обучуваме млади претприемачи. До сега 400 млади претприемачи имаат поминато низ оваа обука, ја нарекуваме мини МБА обука. Таа е со Бизнис школа на Ајви од Канада итн. Значи навистина имаме многу програми и специфичноста е што тие програми се имплементираат секоја година, значи споменав не зависиме од финансирање на донатори туку од наши средства. Меѓутоа секогаш средствата може да се зголемат и да се зголеме и нашето влијание врз економијата и општеството.

Глас на Америка: Што е она што е актуелно што го работи во моментов Вашата организација?

Во руралните средини ќе обучуваме наставници и ќе работиме со децата да ги поттикнеме да сакаат наука и да сакаат да студираат понатаму наука

Никица Мојсоска – Блажевски: Па, во моментов, еве вчера потпишавме еден договор со неколку партнери, бидејќи ние пак ќе кажам секогаш сакаме да партнеруваме. Сметаме дека така импактот од се што правиме е многу поголем. Вчера потпишавме еден таков договор за имплементација на проект, се нарекува Науката и јас, преку кој во школите во Македонија, најмногу во помалите средини, во руралните средини ќе обучуваме наставници и ќе работиме со децата да ги поттикнеме да сакаат наука и да сакаат да студираат понатаму наука, значи тоа е нешто најново, а оваа недела го отворивме и конкурсот за стипендии кои што ги споменав Атанас Близнаков. Оваа година би требало да имаме околу 130 стипендисти, значи од минатата година и нови стипендисти, и тоа е навистина најголема програма која што ја имавме. За три недели нова група на шест лица извршни директори во Македонија ќе дојдат тука токму во Чикаго на Нортвестерн Универзитетот, на обуката која што ја споменав, така што многу работи се случуваат и навистина сум благодарна што имаме толку многу активности и што можеме да влијаеме врз развојот на Македонија.

Глас на Америка: На крај, која е иднината на Македонија 2025?

Никица Мојсоска – Блажевски: Видете, јас сум пресреќна што сум дел од една ваква организација морам да кажам и секогаш дали директно или индиректно вклучена во организацијата или од надвор ќе се трудам таа да расте, да има што повеќе програми и што повеќе вклученост на млади или пак на возрасни во програмите. Мислам дека иднината е тоа што го правиме да го правиме во уште поголем размер, бидејќи силно верувам дека го правиме многу ефикасно, транспарентно, дека нашите програми се одлични и дека навистина ќе доведат до развој на идни добри лидери во Македонија, кои што ќе водат добри компании, меѓутоа исто така ќе бидат и добри граѓани и дека ќе доведеме до поуспешни бизниси кои што се меѓународни бизниси, меѓутоа и онаа нишка која што не смееме да ја заборавиме, а тоа е како да ја држиме таа поврзаност со дијаспората, како взаемно да работиме кон натамошен напредок на Македонија. И би сакала да ја видам организацијата да има уште поголемо влијание и секако да се цени она што го работиме.

XS
SM
MD
LG