Извесно е дека Македонија нема да се најде на агендата на Лисабонскиот самит, но она што ќе се случува со земјата останува во рацете на властите и на граѓаните. Амбасадорот на САД во земјата Филип Рикер вели дека американската поддршка останува, но исто така останува и условот, решение на спорот со Грција, па членство во НАТО.
„САД продолжуваат да ги поттикнуваат и Грција и Македонија да работат заедно на изнаоѓање компромисно решение за името и овој спор да не се комплицира уште повеќе. Добрите односи со соседите се основа на членството во НАТО“, рече амбасадорот Рикер понеделникот, кој беше дел од дебатата во Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, посветена на македонското членство во НАТО и Лисабонскиот самит - поглед кон иднината.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети смета дека се работи за емотивно прашање, каде политиката е во втор план и затоа изостануваат соодветни резултати. Побара помош од меѓународната заедница, како и во сите досегашни балкански ситуации.
„Јас постојано барам НАТО и ЕУ да бидат ангажирани за завршување на оваа емотивна историја. За нас е важно да се надмине овој проблем и конечно да бидеме дел од структурите на НАТО и ЕУ“, рече Ахмети.
Според него, интервенциите на НАТО на Балканот - во Босна и Херцеговина, на Косово и во Македонија придонеле за стабилизирање и враќање на мирот и можност земјите во регионот да ги реализираат своите намери за зачленување во НАТО и ЕУ.
За Андреј Лепавцов од Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид, компромис во ваков случај е тешко е да се направи, но овој со Грција мора да се постигне од повеќе причини.
„Македонија мора да продолжи со реформите и во воениот сектор, но и на другите полиња, бидејќи Алијансата не е само воен сојуз, туку и заедница на земји со заеднички визии за владеење на правото и функционално граѓанско општество“, рече Лепавцов.
Со учеството на припадниците на АРМ во операциите за поддршка на мирот предводени од НАТО Македонија де факто функционира како земја-сојузник и одговорна членка на меѓународната заедница.