Линкови за пристапност

НАТО: Западот ја губи информатичката битка со Русија и ИСИЛ


Мора да се засилат напорите и да се заштитат воените информации од противниците, коментираат аналитичарите

НАТО предупреди дека земјите како Русија, ја користат слободата на медиумите на Западот за ширење на дезинформации.

Поимот, хибридна војна, честопати се користи, за да се опише тактиката, што ја искористи Кремљ во своето насилно преземање на Крим во 2014-та, кога тешко вооружени напаѓачи вршеа напади врз украински воени бази.

Москва најпрво негираше дека се работи за припадници на руската војска, но по неколку недели слични непознати вооружени напаѓачи се појавија во источна Украина. Тој конфликт помеѓу руските бунтовници и украинската војска - се` уште трае.

Западот под закани од напад

Во говорот што го одржа на Генералното Собрание на ОН, украинскиот претседател – Петро Порошенко рече дека хибридната војна е закана за целиот Запад.

„Политичките притисоци, бесрамната пропаганда, местењето избори, економските изнудувања, тајните воени операции, кибернетските напади, злоупотребата на дипломатските мерки, тоа се модерните методи на необјавена војна“, изјави Порошенко.

На неодамнешна конференција за информациска војна, која се одржа во Лондон, директорот на одделот за комуникации во НАТО - Јанис Сартс рече дека Западот треба да посвети внимание на овој проблем.

„Технологијата е наша. Добрите маркетинг фирми се во нашите земји, а сепак, дискутираме како да го спречиме влијанието на надворешните актери како што се Русија и Кина“, вели Сартс.

Конференцијата се фокусираше на се` поголемото руско медиумско влијание, како што е 24-часовната програма на „Раша Тудеј“ (РТ), која подлежи на критики поради пропагандата, што ја шири за Кремљ.

Уредникот во „Економист“ – Едвард Лукас вели дека медиумите како „РусијаТудеј“ не треба да се сметаат за веродостојни.

„Русите ја користат слабоста на медиумите по Студената војна и дрско лажат“, коментира Лукас.

Русија инвестира големи пари

Лукас додава дека Западот треба да поработи, како што вели тој, на „хигиената на социјалните медиуми“.

„Постои реален проблем со коментарите и со лажните профили, посебно на Твитер. Русите инвестираат големи пари во луѓе кои намерно провоцираат на Интернет“, коментира Лукас.

Марк Лаити, Директорот на Одделот за комуникации во НАТО, потенцираше дека Русија обрнува големо внимание на создавање на информациска стратегија во создавањето на конфликти, додека, пак, на Запад комуникациите се обично во рацете на посебен тим за односи со јавност.

„Се уште се бориме на маргините“, вели тој додека „адекватна информатичка, стратегија не чини многу пари во споредба со други видови на трошоци“, вели директорот на Одделот за комуникации.

Лаити предупредува дека Русија подметнала дезинформации и хибридна војна и при нејзината интервенција во Сирија, посочувајќи го примерот кога конвој за донации беше бомбардиран во близина на Алепо, на почетокот на месецов. Според него, Западот мора да знае како да го возврати ударот.

XS
SM
MD
LG