Линкови за пристапност

НАТО ќе го зајакне присуството во Балтичкото Море по оштетување на кабли за струја и Интернет


Нуркачи на морнарицата на вооружените сили на Летонија учествуваат во вежба на НАТО во Балтичкото Море, Финска, 23 ноември 2024 година
Нуркачи на морнарицата на вооружените сили на Летонија учествуваат во вежба на НАТО во Балтичкото Море, Финска, 23 ноември 2024 година

НАТО ќе го зајакне своето воено присуство во Балтичкото Море по сомнителната саботажа на подморски кабел за електрична енергија што ги поврзува Финска и Естонија оваа недела, изјави во петокот шефот на западната воена алијанса Марк Руте.

На Божиќ, кабелот кој носи струја од Финска до Естонија бил исклучен од мрежата, нешто повеќе од еден месец откако два телекомуникациски кабли биле прекинати во шведските територијални води на Балтикот.

Финските власти вчера соопштија дека го истражуваат танкерот со нафта кој испловил од руско пристаниште, како дел од истрагата за саботажа.

Финскиот претседател денес рече: „Ја имаме ситуацијата под контрола и мораме да продолжиме да работиме заедно будно за да се осигураме дека нашата критична инфраструктура нема да биде оштетена од надворешни лица“.

Официјални лица се сомневаат дека танкерот е дел од руската „флота во сенка“, која се однесува на бродови што превезуваат нафтени производи под ембарго поради руската инвазија на Украина во 2022 година.

Полицијата се сомнева дека сидрото на танкерот со нафта можеби го оштетил кабелот за струја.

Руте рече дека разговарал со претседателот за истрагата на Финска, додавајќи во објавата на Икс:

„Ја изразив мојата целосна солидарност и поддршка. НАТО ќе го зајакне своето воено присуство во Балтичкото Море“.

Естонија претходно денес изјави на Икс дека земјата започнала поморски патроли за да го заштити подморскиот кабел што снабдува електрична енергија од Финска.

Руте вчера вети поддршка од НАТО за Естонија и Финска и ги осуди нападите врз критичната инфраструктура.

XS
SM
MD
LG