Линкови за пристапност

Иднината на НАТО на дневен ред во Лисабон


Иднината на НАТО на дневен ред во Лисабон
Иднината на НАТО на дневен ред во Лисабон

Новиот „стратешкиот концепт“ е базиран на извештај од група експерти на чело со Медлин Олбрајт

Лидерите на НАТО ќе го фокусираат своето внимание на новиот „стратешки концепт“ во обид за редефинирање на својата улога во ерата по Студената војна.

Последниот „стратешки концепт“ беше усвоен пред 11 години и експертите велат дека е време Алијансата да претстави нов документ што ќе ги содржи идните обврски на НАТО во светот, кој изминатава деценија претрпе драстични промени.

Роберт Хантер е поранешен американски амбасадор во НАТО од времето на администрацијата на Клинтон, кој сега е научен соработник во корпорацијата Ранд. Тој вели дека главен фокус е одбраната на самата Алијанса, односно таканаречениот Член 5, кој практично вели: еден за сите, сите за еден. Втора работа, според него, е што територијалната одбрана не е повеќе клучна функција, и вниманието ќе биде насочено на заканите и предизвиците што ќе се појават на различни места и на различни начини, вели Хантер илустрирајќи го ова со примерот на тероризмот и пограничниот криминал.

„Стратешкиот концепт“ е базиран на извештајот изготвен од таканаречена група експерти порано годинава на чело со поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт и претставен на генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен. Расмусен ќе ја изложи новата мисија за време на самитот.

Експертите велат дека лидерите на НАТО ќе дискутираат и за операцијата на Алијансата во Авганистан, каде во моментов има преку 130.000 војници под надзор на контингентот на ОН познат како „Меѓународни сили за безбедносна помош“ или ИСАФ.

Аналитичарите велат дека мисијата на НАТО во Авганистан се одвива во три области. Првата е да и` помага на владата на претседателот Хамид Карзаи во напорите за обнова и стабилизирање на земјата. Втората е обука на авганистанската армија и полиција и третата мисија е гонење и елиминирање на бунтовниците во јужен Авганистан, домот на Талебан кој беше соборен од власт во 2001-та од страна на коалиционите трупи под водство на САД.

Роберт Хантер вели дека операцијата на НАТО во Авганистан е врзана со генералниот „стратешки концепт“ на Алијансата.

„Сметам дека во Европа постои консензус дека ова е последен пат Алијансата да се ангажира во операција како оваа во Авганистан. Не мислам дека постои апетит овде во САД. НАТО треба да работи на тоа како ќе ја дефинира иднината по Авганистан на начин што ќе и` смисол без друг Авганистан, даде без да ја повтори сегашната мисија во оваа земја. На одреден начин, новиот концепт и не мора да нуди вистински решенија се` додека не видиме што ќе се случи во Авганистан наредната година или повеќе“, вели овој експерт.

Шон Кеј е експерт за прашања поврзани за НАТО од Универзитетот Веслејан од Охајо:

„Фактот дека САД требаше да испратат 30.000 трупи во Авганистан е мошне јасен показател дека елементот на НАТО по ова прашање, не ги исполни очекувањата што требаше да ги исполни. Ако НАТО не може да ги исполни основните оперативни очекувања, потегнува многу поголеми прашања за целокупниот стратешки концепт“, смета Кеј.

Експертите веруваат дека на самитот во Лисабон има мали изгледи земјите на НАТО да ветат распоредување на дополнителни борбени трупи во Авганистан. Но, според познавачите на ситуацијата, виши претставници на Алијансата ќе побараат дополнителни лица за обука за да ја подготват авганистанската армија да ја преземе контролата до 2014 година, датум поставен од авганистанската влада.

XS
SM
MD
LG