Линкови за пристапност

Светот подзапре - над 134.000 заболени од коронавирусот


Американскиот Претседател Доналд Трамп преку Твитер порача дека наскоро ќе има тестирање за Ковид „од многу широк обем“. Тој додаде дека „бирократските процедури се завршени“ но не откри како или кога би започнало тестирањето.

Тој рече дека Центрите за контрола на болести „го разгледале и проучиле нивниот систем за тестирање, но не презеле ништо во врска со тоа“. Тој додаде дека „Претседателот Обама направил промени кои само дополнително ги искомпликувале нештата“. Трамп не понуди никакви докази за промените кои му ги припишува на неговиот претходник.

Овој петок Кина пријави само 8 нови случаи на Ковид-19. Ова е неверојатен пресврт со оглед на тоа што овде имаше и по неколку илјади нови случаи на ден. Малиот број на нови инфекции не значи дека вирусот исчезнува, во оваа земја се уште има илјадници заболени.

Кинеските државни медиуми јавија дека Претседателот Си Џинпинг во телефонски разговор на генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш му порачал дека „Кина ќе продолжи со непопустливите и цврсти мерки за контрола и превенција“.

Агенцијата Синхуа јави дека Претседателот порачал оти Кина е подготвена да го сподели своето искуство за вирусот со другите земји и да спроведе заеднички истражувања за лекови и вакцини.

Сега има повеќе од 134 илјади случаи на коронавирус во 127 држави, што е мал процент од глобалната популација која брои 7 милијарди.

Но, пандемијата има влијание на животот на речиси секој човек, вклучително и на американскиот Претседател.

Бразилскиот секретар за комуникации Фабио Вајнгартен доби позитивен резултат на тестот само неколку дена по средбата со Доналд Трамп. Белата Куќа вели дека Претседателот не е тестиран, а Трамп изјави дека не е загрижен иако извесно време седел веднаш до Вајнгартен.

Бразил соопшти дека тамошните лекари го тестирале претседателот Жаир Болсонеро и дека тој е под опсервација.

Сопругата на канадскиот премиер Џастин Трудо е позитивна на вирусот, соопшти официјална Отава. Двојката е во изолација од средата откако по враќањето од Лондон таа имала благи симптоми.

Најголемиот град во Соединетите Држави прогласи вонредна состојба а градоначалникот рече дека развојот на пандемијата неверојатен и вознемирувачки. Градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио рече во градот има 95 потврдени случаи но и дека наредната недела може да има над 1.000.

„Одењето на ова ниво не е лесна одлука, но дојдовме до моментот кога е неопходно“ рече де Бласио. Тој ги предупреди жителите на Њујорк да бидат подготвени за масовни отпуштања, принудни иселувања, затворања на бизнис и недостатоци на храна. Театрите на Бродвеј претходно најавија дека ќе престанат да работат, дел од нив и до крајот на април.


Дизниленд во Калифорнија се нарекува и „Најсреќното место на Земјата“, но наскоро ќе личи на најосаменото место на Земјата. Забавниот парк ќе биде затворен од сабота па до крајот на март. И Дизниврлд на Флорида затвора до крајот на месецот.

Конгресот затвора за јавноста, барем до крајот на април.

Кошаркарските, фудбалските и хокеј сезоните се прекинати на неодредено што фрустрираше милиони фанови кои имаат билети за големите натпревари. Бејзбол сезоната ќе започне две недели подоцна, а пролетните тренинзи се откажани.

Белгија, Франција, Хондурас, Ирска, Португалија и канадската провинција Онтарио се меѓу последните кои ги затворија сите училишта.

Индија воведе сериозни ограничувања, суспендирајќи ги визите за туристите и странците за еден месец почнувајќи од петок.

Ел Салвадор го забрани влезот за сите странци додека соседна Гватемала воведе забрана за оние кои доаѓаат од Европа, Иран, Кина и Кореја.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс рече дека Американците кои се врќаат од Европа ќе мора да бидат во самоизолација 14 дена за се спречат нови случаи.

Иран побара итен заем од 5 милијарди долари од Меѓународниот Монетарен Фонд. Официјалниот извештај покажува дека во оваа земја има над 10.000 потврдени случаи и 429 починари.

Иранскиот глобален здравствен експерт Камаир Алеаи за Гласот на Америка изјави дека верува оти вистинската бројка е 40.000.

XS
SM
MD
LG