Линкови за пристапност

Културата е огледало на нацијата: Пикасо конечно, пред скопјани


Со отворањето на постојаната поставка, „Солидарноста - недовршен проект“, заврши неколкумесечната реконструкција на Музејот за современа уметност.

„Низ оваа новоконципирана поставка што мелодично не внесува во единствената хармонија на светот - уметноста, патуваме низ предизвиците и низ дел од визуелните приказни и призори во изминатите 50 години, восхитувајќи им се на меморираните богатства, на нивната убедливост, на нивната тајна да ја победат минливоста и на визијата што ја оставаат за иднината како траги во времето и во културата на овој простор“, ни изјави Викторија Васева Димеска, историчар на уметноста, и до 2012-та кустос-советник и раководител на Изложбениот оддел во Музејот на современата уметност во Скопје (МСУ), по повод отворањето за посетители на реконструираниот објект.

Со отворањето на постојаната поставка, „Солидарноста - недовршен проект“, заврши неколкумесечната реконструкција на МСУ што започна минатата година. Во изведба на компанијата „Бортас“ од Скопје, беа санирани простории со површина од 1.500 квадратни метри, а меѓу нив се застаклената сала „Пикасо“ и горниот кат на објектот. Реконструкцијата чинеше 24 милиони денари, а средствата ги обезбеди Министерството за култура, како прва поголема инвестиција во објектот од неговото отворање во 1970-та година. Во следниот период ќе се осмислува и уредува партерот, но за реконструкција на скалишниот простор се неопходни дополнителни средства.

По катастрофалниот земјотрес од 1963-та година, од пристигнатите 89 трудови на распишаниот конкурс за идејно решение на МСУ, бил избран објектот на Јержи Мокшински, Евгениуш Вјежбицки и Вацлав Клишевски.

„Отворањето на новата постојана поставка на Музејот на современата уметност во Скопје е еден исклучителен свечен чин, една потврда за ентузијазмот на Музејот, за грижата за културното наследство, за предаденоста на професијата и за истрајноста во долгогодишните усилби и надежи дека конечно Музејот ке блесне во својот полн сјај... Децениското отсуство на поставката ја бледеше меморијата за непроценливото богатство што музејот го чуваше во своите депоа... се зборуваше за тоа... Но, заборавот премина во навика. Секако, за поздравување е овој голем гест на Министерството за култура, со што го исполни ветувањето и својот долг кон современата уметност, кон уметниците, професионалните познавачи и кон публиката“, изјави историчарката на уметност Васева Димеска за Гласот на Америка на македонски јазик.

Со градежните зафати, реконструирана е стаклената фасада со специјални сигурносни стакла со заштитна фолија, а на стаклениот покрив е поставена специјална фолија со УВ-заштита. Во галерискиот простор е обезбедена соодветна температура, влажност и осветлување за соодветен третман на делата што ќе бидат изложени во музејот, а поставен е и нов систем за противпожарна заштита и 40 инфрацрвени камери за обезбедување на врвните уметнички творби. Но, според соговорничката, она што е најважно за македонската јавност, и особено за вљубениците во уметноста, е дека „со новото руво и со новиот изглед и со содржината (делата на Пикасо, Хартунг, Вазарели, Калдер, Хокни, Бифе, Сулаж и други), музејот во Скопје може да се гордее и е рамноправен дел од светската заедница на музеите на современата уметност“.

Васева Димеска вели дека „релативно кусото време за кое е реновиран ентериерот, репарирани делата и понуден обмислен, студиозен концепт за поставката, се сведоци на силната желба, истрајноста и професионалниот потенцијал на стручниот тим на МСУ да го обноват сјајот на оваа врвна институција, да ни понудат една навистина брилјантна, восхитувачка аура која достоинствено го носи скапоцениот материјал од светската ликовна сцена... Конечно, ова е и долг кон иницијаторот на основањето на Музејот и неговиот прв директор професорот Борис Петковски, кој целиот свој живот го вгради во секоја клетка на МСУ и во историјата на македонската современа уметност“.

Таа смета дека со реконструкцијата, Музејот го покажал и го потврдил фактот дека културата е огледало на нацијата, нејзин најсуптилен и најдлабок сегмент.

Денес, Музејот на современа уметност во Скопје има една од најбогатите збирки на уметнички дела во регионот - 3.128 дела, меѓу што се и дела на Пикасо, Хокни, Лубарда, Џаспер Џоунс, Пјер Алешински, но и дела на основоположниците на македонската модерна уметност - Лазар Личеноски, Димо Тодоровски, Димитар Кондовски...
XS
SM
MD
LG