Линкови за пристапност

Обама собрал повеќе пари од Ромни во август


Односот е 114 спрема 111 милиони долари, но Ромни има повеќе готовина во банка од претседателот.

Кампањата за реизбор на американскиот претседател Барак Обама собрала повеќе пари во август споредено со републиканскиот предизвикувач Мит Ромни.

Менаџерот на кампањата на Обама, Џим Месина, објави соопштение во неделата во кое вели дека кампањата минатиот месец собрала 114 милиони долари. Неколку часа пред тоа кампањата на Ромни соопшти дека собрала 111 милиони долари во август.

Иако Ромни собрал помалку пари, тоа бил трет месец по ред неговата кампања да собере над 100 милиони долари. Тој има повеќе готовина во банка отколку претседателот, на само неколку недели пред општите избори на 6 ноември.

Во интервју на националната телевизија Ромни во неделата кажа дека ќе задржи неколку делови непроменети од планот за здравствена заштита на Обама доколку биде избран, иако претходно велеше дека целиот закон ќе го укине.

Сега Ромни вели дека оние со постоечки здравствени проблеми ќе може да имаат здравствено покритие и дека младите ќе може да останат на планот на нивните родители до 26 години возраст. Тој кажа дека кога бил гувернер на Масачусетс неговиот план за здравствена заштита ги имал тие можности.

Во меѓувреме, Обама продолжи на дводневната кампања низ Флорида, критична држава за изборите со значителен број пензионирани гласачи.
XS
SM
MD
LG