Девет млади момчиња од Пакистан, уморни и со сериозни повреди, после шест дена патување, пристигнале во домот на хуманитарката Ленче Здравкин од Велес. Искинати во облеката, гладни и со рани на нозете, раскажува Здравкин за Гласот на Америка одмориле неколку часа и се нахраниле.
Потоа се во правец на железничката пруга која води кон соседна Србија, го продолжиле својот пат кон Европа.
„Нивниот сон беше да стигнат во Италија.Ми рекоа дека цела Грција ја поминале пеш, а поминале и дополнителни 120 километри од грчката граница до Велес“, вели Здравкин.
Здравкин чиј што дом е секојдневно свратилиште на десеттина мигранти вели дека речиси секој ден се среќава со различни судбини и оти и понатаму сериозен проблем остануваат криумчарите со мигранти.
„Се соочувам со оние бегалци, кои не можат да си дозволат да патуваат со криумчари.Камповите во Грција се преполни и не примаат нови бегалци.Тие се приморани да ја напуштат Грција и да продолжат кон Македонија.Проблеми секако дека постојат и ги демнат на секој можен начин.Доаѓаат во Велес, во мојот дом со секакви повреди.Иако температурите се високи,овие луѓе пешачат со цел да стигнат до нивната крајна дестинација “, вели Здравкин.
Државните органи пак во Северна Македонија речиси секојдневно известуваат за фатени мигранти или пак луѓе кои се обидуваат на нелегален начин да ги префрлат од едната на другата страна на границата.
Последниот случај е со добро организирана група oд Северна Македонија и Грција, која криумчарела мигранти од земјите од Блискиот Исток, односно од Авганистан, Пакистан, Ирак и Бангладеш.
Во период од цела една година односно од мај 2018 до февруари 2019 година организаторите на криминалната група во земјава заедно со нивните соучесници од Грција го договарале бројот на илегалните мигранти што треба да бидат пренесени од грчка на македонска територија, времето и местото на преносот.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека се води постапка против дваесет и едно лице за организирање на група, трговија со луѓе и дете и криумчарење на мигранти, додека за едно лице за помагање. Во меѓувреме доставен бил и предлог за продолжување на мерката притвор за девет обвинети лица.
„Во мај минатата година, тројца од обвинетите создале и организирале криминална група за криумчарење мигранти на која се придружиле и останатите обвинети лица“, велат од обвинителството.
Дека групата била добро организирана говори и податокот на обвинителството дека мигрантите, најнапред со помош на водичи т.н. “качаци“ како предводници на групата илегално пеш преку т.н. “зелена граница“ биле пренесувани од Грција до договорена локација во околината на Гевгелија, Богданци, Дојран, Струмица и Радовиш. Таму други членови на групата со патнички и товарни моторни возила ги преземале и се упатувале кон кумановско – липковскиот регион.
„При превезувањето, дел од членовите имале улога на т.н.„чистачи“ и преку телефонска – конференциска врска, ги известувале возачите за поставеноста на полициски патроли на рутата по која се движеле возилата и им давале насоки да го сменат правецот на движење кон некоја од претходно извидените попатни локации. Мигрантите биле времено сместувани и засолнувани, во објекти на соработниците на криминалната група во селата Ваксинце и Лојане, а потоа преку македонско – српската граница заминувале на територијата на Србија од каде биле криумчарени кон државите на Европската Унија“, велат од основното јавно обвинителство.
Организаторите на криминалната грипа според обвинителството, го определувале и бројот и видот на возилата што ќе бидат употребени за прифаќањето и превозот на мигрантите, распоредот односно редоследот на движење на возилaта во двата правци, вршеле поделба на задачите на секој член од групата и го определувале начинот на меѓусебна комуникација.
Од групата осомничени е и еден полициски службеник, за кој се смета дека еден од организаторите остварувал контакти и средби со него од кој добивал известувања за поставеноста на полициски патроли, контроли или заседи, информации дали криминалната група е предмет на истрага, како и насоки за прикривање на криминалното делување. За ова полицискиот службеник добивал паричен надомест во износ од 200 евра по возило, додека главните организатори за криумчарење наплаќале од 150 евра до 300 евра по мигрант.
Од МВР, за Гласот на Америка велат дека во периодот од јануари до јуни 2019 година, биле спречени 10017 обиди за илегални преминувања на границата. Откриени биле 33 случаи на криумчарење на мигранти. Поднесени биле кривичини пријави за 24 кривични дела, против 44 сторители, во кои биле криумчарени 492 мигранти.
Ленче Здравкин додава дека е неопходно полицијата да ги зајакне контролите и на другите граници, на пример со Албанија, затоа што вели мигрантите се почесто ги менуваат своите рути на движење.
Со затворањето на границите, интензитетот на движење на мигрантите е намален. Сметам дека спречените обиди за криумчарење на мигранти, се должат на зачестените полициски контролиМерсиха Смаиловиќ, невладина организација Легис
Мерсиха Смаиловиќ, од невладината организација Легис, вели дека тие се залагаат за почитување на основните човекови права.
„Кога тоа не се почитува во една држава, тогаш настапуваат нелегалните дејствија, како што е криумчарењето. Но сепак со затворањето на границите, интензитетот на движење на мигрантите е намален. Сметам дека спречените обиди за криумчарење на мигранти, се должат на зачестените полициски контроли“, вели Смаиловиќ.
Таа додава дека кога бегалците и мигрантите би се регистрирале при влезот во Северна Македонија, тогаш би се направило и нивно профилирање. Тие вели таа се сосема невидливи за системот во државата и поради тоа се и потенцијални жртви на бројни кривични дела.
Од полицијата додаваат дека на јужната граница со Грција во моментот се присутни и контингенти на полициски службеници од други држави како резултат на билатерални договори и тоа со Чешка, Словачка, Хрватска и Австрија. Додаваат дека во завршна фаза е и доаѓањето на припадници на ФРОНТЕКС, на јужната граница.
Facebook Forum