Линкови за пристапност

Се` поголем број мигранти се враќаат во Грција


По затворањето на Балканската рута, мигрантите се одлучуваат да се вратат назад, во обид да се спасат од невремето и кражбите, велат соговорници за Гласот на Америка

Смрзнати, многу често и без јадење, голем број мигранти, не можејќи да заминат во Западна Европа по затворањето на Балканската рута, се обидуваат да се вратат во Грција.

30-годишен Пакистанец, пешачејки ја мигрантската рута Грција-Македонија-Србија, во обид да стигне до Европа, реши да се врати во Грција. Не можејќи да ги издржи кражбите, гладен и бос се одлучил на ваков чекор, вели за Гласот на Америка хуманитарката Ленче Здравкин, која неколку дена му носела храна и вода во близина на автопатот до границата со Грција.

„Додека едни се движат од Грција кон Србија имаме движења и од Србија кон Грција. Се соочуваме со проблем, бидејќи нема начин како да ги упатиме безбедни да заминат од Македонија. Законот не дозволува да се качат во воз и во автобус, со цел да се вратат во земјата од каде што дошле“, вели Здравкин.

Таа додава дека по железничките пруги секојдневно можат да се видат овие лица.

„Мерките се зголемуваат и во Србија и во Хрватска, па затоа се очекуваат враќања назад. Нивните изјави се секогаш точни, а тоа е дека во Сирија се умира брзо, а овде полека“,вели Здравкин.

Горан Стојановски, раководител на Транзитниот камп за мигранти во Табановце во кој во моментот се наоѓаат 57 мигранти, вели дека постојано се зголемува бројот на лица кои влегуваат во земјата од Србија.

„Тие остануваат во Србија долго време, поради што сакаат да заминат. Србија наоѓа начин, преку северната граница да ги враќа назад, без да го почитува Законот за реадмисија. Тие се уморни и разочарани. Во текот на ноември 2016 година, бројот на мигранти е околу 1.160 лица“, вели Стојановски.

И покрај ваквата појава, и понатаму е голем бројот на лица од Сирија, Авганистан и од други воени подрачја, чија последна надеж им е да заминат во Европа преку Балканот.

На 15 километри од македонската граница, во Грција се наоѓа прифатен центар во кој во моментот се сместени помеѓу 1.500-2.000 луѓе, а надлежните институции сметаат дека се подготвени да се справат со евентуално нов бегалски бран.

XS
SM
MD
LG