Бегалците кои се обидуваат да поминат низ територијата на Македонија се соочуваат со сериозни проблеми, предупредуваат граѓанските активисти.
Многу од нив наместо да продолжат кон Западна Европа се враќаат назад во Грција од страна на полицијата или војската, без притоа да се направи нивно профилирање, или да се земат предвид нивните потреби, вели активистката Мерсиха Смаиловиќ.
Во Законот за привремена заштита, постои одредба „барање за намера за азил“, со која бегалецот изјавува дека ќе ја напушти државата за 72 часа. Но, таа вели дека одредбата не се спроведува во пракса.
„На белагците кои би влегле би им се зеле нивни отпечатоци, име и презиме. Би се знаело кој се движи низ нашата територија. Од една страна, тие се видливи за системот, се во системот и ќе бидат заштитени. И локалното население ќе биде заштитено, сега посебно во услови на пандемија. И тие би се тестирале и би се знаело дали се позитивни или негативни на вирусот“, вели Смаиловиќ.
Невладините бараат таквите намери за азил да се издаваат во транзитниот центар кај Гевгелија, како што тоа било за време на Западно-балканската мигрантска рута. Така овие лица ќе можат регулирано да поминат низ земјата.
Наместо тоа, вели Смаиловиќ, сега бегалците многу почесто се жртви на криумчарите.
„Да не зборуваме за зголемениот број на сообраќајни незгоди кои се случуваат на територијата на нашата држава, каде што гледаме дека криумчарите воопшто не бираат средства и начин да заработат пари. Дури ги жртвуваат животите, и ги ставаат по дваесет и триесет во едно мало возило, и возат со голема брзина. Имавме ситуација кога криумчарот ќе загине или некој од бегалците“, додава таа.
Според невладините, околу 40.000 мигранти се обиделе да поминат низ македонска територија само во првите неколку месеци од оваа година, што било за околу петпати повеќе во однос на цела 2019 година.
Јасмин Реџепи од невладината организација „Легис“, вели дека наспроти официјалните бројки, неофицијалните се многу поголеми, а не е мал ниту бројот на оние кои успеаваат нивниот пат да го продолжат кон Србија.
„Лично сметам дека го користат ова време да поминат низ Македонија, затоа што Србија гради ограда на границата со Македонија, каква што има меѓу Македонија и Грција. И се плашат дека тоа ќе им биде уште една пречка, која ќе им биде многу тешка да се помине, поради што сакаат да поминат што е можно побрзо. Тоа ќе значи дека и на наша територија ќе остануваат голем број луѓе, кои ќе заглават и нема да можат да продолжат лесно кон Србија“, вели Реџепи.
Тој рече дека и понатаму главната рута за движење на беглаците е низ Македонија, а помалата низ Албанија.
Facebook Forum