Линкови за пристапност

Одобрен контроверзниот план за квоти за мигрантите


Четири земји-членки на ЕУ се и натаму против, но министрите за внатрешни работи се договорија да ја усвојат мерката за распоредување на 120.000 бегалци

Министрите за внатрешни работи на ЕУ, наспроти противењето на четири земји, го одобрија конторверзниот план за квоти, а којшто се однесува на распределување на 120.000 мигранти низ 28-те членки.

Со мнозинство гласови министрите за внатрешни работи го усвоија планот воочи самитот на лидерите на ЕУ закажан за утре. Притоа, неколку централни европски држави ќе имаат повторно можност да го изразат своето противење за планот на квотите.

Важно е земјите-членки на Унијата да го задржат својот суверенитет по прашањето, изјави премиерот на Чешката Република, Бохуслав Соботка. „Треба владите да бидат тие коишто ќе одлучат“.

Чешката Република, Унгарија, Словачка и Романија ќе гласаат против планот, а Финска останува воздржана.

Годинава во Медитеранот преминаа речиси половина милион мигранти од кои 40 проценти се Сиријци, бегајќи од војни и сиромаштии на Блискиот Исток во потрага по подобар живот во Европа.

Агенцијата за бегалци на ОН соопшти дека постојаниот наплив на мигранти е мошне голем – 6.000 лица дневно доаѓаат на европско тло, така што планот за релокација конкретно на 120.000 мигранти, нема да биде доволно да се стабилизира ситуацијата. Агенцијата воедно повика да се отворат центри за прифаќање на бегалците на територија на ЕУ.

Германија засега има прифатено најголем број бегалци, но првиот човек на Берлинското разузнавање, Ханс-Џорџ Масен, предупреди дека радикалните исламисти коишто веќе се во Германија, можно е да се обидат да регрутираат бегалци за терористички напади, под изговор дека им нудат хуманитарна помош.

Американскиот државен секретар Џон Кери кажа дека САД планираат да издадат 100.000 визи за бегалци годишно почнувајќи од 2017 година - зголемување од сегашните 70.000.

XS
SM
MD
LG