Линкови за пристапност

Последното момче во САД – Мики Ментл


Последното момче во САД – Мики Ментл
Последното момче во САД – Мики Ментл

Мики Чарлс Ментл е еден од неколкуте безбол играчи што продолжуваат да фасцинираат нови генерации. Во 1951, тогашниот 19-годишник се приклучил на њујоршките Јенки и се прославил со брзината, силата и способноста да удира со палката со двете раце подеднакво. Деновиве излезе од печат нова биографска книга за него од авторот Џејн Ливи, која тврди дека Ментл имал влијание не само на безболот, туку на целата држава. Книгата е со наслов: „Последното момче – Мики Ментл и крајот на американското детство“.

Мики Ментл бил роден во Оклахома во 1931, како син на рудар. Но љубовта на татко му бил безболот. Играл во полупрофесионална лига и уште пред малиот Мики да излезе од пелени, татко му вежбал со него секој ден.

Мики бил атлетска ѕвезда во средно училиште и бил забележан од Њујорк Јенкис, за кои потпишал договор во малата лига во 1949. По две години, Ментл успеал да влезе во составот на Јенките, во 1951. Џејн Ливи во интервју за Гласот на Америка кажа дека тоа што Ментл го правел на теренот се совпаѓало со расположението во земјата.

„Тоа беше време на американски оптимизам без преседан. Покажувавме сила на секого и практично мислевме дека можеме се`. Природните ресурси на земјата се чини дека ја рефлектираа брзината и моќта на Ментл. Ако ја погледнете неговата насмевка, ќе го видите тој оптимизам“, вели Ливи.

Но се чини дека темен облак го следел Ментл. На училиште бил удрен во ногата и развил опасна нфекција на коска, остеомиолитис.

За време на неговата почетничка сезона, Ментл претрпел повреда на коленото кога шилците од неговите копачки му се фатиле во поклопец на шахта обидувајќи се да избегне судир со ѕвездата на Јенките Џо ДиМажио. Следниот ден, татко му бил дијагностициран со не-Хоџкинсонова лимфома од што умрел на возраст од 40 години. Смртта на татко му бил голем удар за младиот Ментл.

Мики пораснал во свет каде рана смрт и тешко време било норма. Често зборувал фаталистички – дека нема да доживее 40-та година, дури пред татко му да почине, кога тој бил во својата втора година со Јенките.

Но, и покрај сите тешкотии, во 1952, Ментл се поставил меѓу најдобрите играчи во безболот. Таа сезона тој го удрил топчето сосема надвор од стариот стадион Грифит во Вашингтон, цели 172 метри, што се` уште се верува дека е најдолгиот удар воопшто постигнат. Њујорк Јенкис го освоиле Купот во секоја од трите први сезони на Ментл, од 1951 до 1953.

Ментл продолжил да прави рекорди и да добива признанија, но и покрај тој успех неговиот карактер останал „студија на контрасти“. Еден момент бил расположен и среќен, а веќе следниот лут и студен. Се чини дека најкомотно се чувствувал со своите соиграчи, во клубот. Заедно пиеле и често доаѓале во судир со законот.

Но тоа било различна ера и полицијата и новинарите го штителе. Никогаш не бил уапсен. Ливи вели, иако очигледно се движел по патот да стане алкохоличар, ретко ги сносел последиците од неговите постапки. Негов соиграч еднаш рекол за него: Никогаш не порасна, и мислам дека тоа го уништи. Да бил повикан на одговорност, можеби ќе било поинаку“.

Ливи вели дека Мики Ментл ги сакал сопругата и децата, но се држел на дистанца. Водел разуздан живот. Освен тоа имал постојани болки од повредите.

Во 1965 Јенките почнале да стануваат осреден тим. За Ментл играта престанала да биде забава. Се повлекол во 1968.

Почнал да се занимава со различни бизниси, повеќето не му успеале. До 1994 живеел во негирање дека е алкохоличар, кога отишол на рехабилитација во клиниката Бети Форд. Откако излегол сфатил дека пиењето во текот на годините го оставило со цироза на јетрата, со хепатитис-Це и рак на јетра. Добил трансплатација во јуни 1995, но било премногу доцна. Умрел два месеци подоцна. И покрај сите контроверзи, неговата неверојатна способност што ја покажал во безболот го направиле херој на многу генерации на љубители на безболот.

XS
SM
MD
LG