Линкови за пристапност

Епидемијата на мали сипаници пoвторно ја разгори полемиката за задолжителната вакцинација


„Она што можеме да го спречиме, да не го лечиме” наспроти „здравје на игла не влегува“.

Откако Центарот за јавно здравје прогласи епидемија на морбили - мали сипаници за територијата на град Скопје, здравствените власти преку Комисијата за заразни болести апелираа - родителите чии деца не се вакцинирани - да ги вакцинираат. Бројот на заболени од морбили викендов се искачи на 38, а од вкупниот број болни, според епидемиолозите, вакцинирани се само неколкумина.

Но, прогласувањето на епидемата повторно ја врати на дневен ред полемиката околу задолжителното вакцинирање на децата. Според соопштението до јавноста од Иницијативниот одбор на родителите што ја оспоруваат уставноста на Законот за задолжителна вакцинација и се залагаат за негова промена, најновата епидемија на морбили во Скопје е „трик со кој здравствените власти се обидуваат да ја оправдаат имунизацијата. 25 случаи во три месеци во девет општини, од кои осум случаи се во најголемиот град Скопје, на заразна болест која редовно се појавува секоја година во пролет во нашата држава, секако не одговара на дефиницијата на епидемија“, потенцираат родителите и тврдат дека непотребно се шири паника.

Неименувани извори од здравствениот сектор ги демантираа ваквите обвинувања, тврдејќи дека „наводните несакани последици од имунизацијата се небулоза и бесмислица“. Директорката на Детската клиника, пак, д-р Аспазија Софијанова, во медиумите апелираше „она што можеме да го спречиме, да не го лечиме”, предупредувајќи дека “ако продолжи антивакциналното движење, државата ќе се соочи со голем проблем“.

Родителите - противници на задолжителната вакцијација и натаму тврдат дека во минатогодишната Програма за задолжителна вакцинација на Владата се наведува дека опфатот на вакцинацијата за мали сипаници е над 95 отсто, а ревакцинацијата е со опфат од 98,4 отсто, и, земајќи ги тие податоци како аргумент, во соопштението наведуваат дека самата епидемија на морбили е вистински доказ оти вакцинацијата не нуди трајна заштита. Тие прашуваат: зошто децата не се заштитени ако опфатот на вакцинација од 95 до 98 отсто, значи и колективен имунитет?

Со тврдењето дека „здравје на игла не влегува“, родителите што испратиле и реакции до меѓународните надлежни институции со барање за оценување на компетентноста и способноста на одделни државни институции, се децидни дека не сакаат „нашите деца да бидат експериментални заморчиња во експеримент на вакцина за која државата плаќа скоро 13 милиони денари годишно“, стои во соопштението

Медиумите објавија дека минатата година најмалку 2.500 деца не се вакцинирани, а од тој број во Скопје - 1.800. Д-р Јованка Костовска, член на Комисијата за заразни болести, изјави дека оваа бројка се должи и на антивакциналните кампањи.

Засега, и покрај прогласената епидемија, не е препорачана вонредна вакцинација, туку вакцина ќе примаат само граѓаните што контактирале со болните.
XS
SM
MD
LG