„Надвор во Грција одевме, но сега не ми е омилена многу дестинација, поради ситуацијата. Дали се достапни дестинациите надвор од државата, па не би рекол. Зависи за кого. Кога беше Југославија одевме секаде и по десет дена“, велат граѓаните.
Охрид и Грција ќе биде главен избор за одмор ова лето на македонските граѓани. Нискиот животен стандард и инфлацијата ги натера Македонците да не размислуваат многу за некои по далечни дестинации.
„Сега за сега не знам каде ќе се оди, но во септември сигурно, не сега. Па каде, не сме одлучиле сè уште. Најомилени ми се црногорското и хрватското приморје“, велат граѓаните.
„Тука во Охрид, каде на друго место, скопјани каде можат да одат. И, до Грција бевме. Море си е море. Но, Охрид си е Охрид, наш си е“, велат граѓаните.
„Многу сум шетала, па Охрид сега ми е дестинацијата да се одморам. Веројатно на есен некаде на некоја подалечна дестинација ќе одиме, но сега во ова топло време овде во Охрид. Одењето во Грција го сметам како нешто нормално. Сите одат во Грција. Тоа е секојдневие“, велат граѓаните.
Албанија е исто така атрактивна, меѓутоа од ден на ден таму цените драстично се зголемуваатЈаким Маленко, сопственик на туристичка агенција
„На друга страна не планираме, поради финансиите. Секаде знаете како е. Од Гостивар сме дојдени во Охрид. Надвор од државата, тешко“, велат граѓаните.
Само минатата година, според Асоцијацијата на грчки туристички бизниси, во Грција имало 1.128.000 посети од македонски туристи, што е двојно повеќе во однос на 2022 година. И, од туристичките агенции велат дека и ова лето најпосакувана дестинација е грчкото приморје. Цените се движат од 150 до 500 евра за наем на апартмани. Интерес има и за Тунис и Египет.
„Има доста вили, апартмани и хотели кои имаат прикладни цени за нашите услови. Албанија е исто така атрактивна, меѓутоа од ден на ден таму цените драстично се зголемуваат, па и Албанија почнува да биде скапа дестинација за нашите граѓани“, вели Јаким Маленко, сопственик на туристичка агенција.
Она што ја карактеризира оваа летна сезона, се повисоките цени во однос на минатата година за повеќето дестинации и тоа во просек од 20 до 30 отсто.
„Тоа се должи на економската состојба, на трендот на зголемување на цените, на поскапувањето на сите основни намирници и тој тренд неколку години оди нагоре и конечно очекуваме да се стабилизира. Меѓутоа како што гледаме секоја година се повеќе и повеќе растат цените наместо да се намалуваат“, додава Маленко.
Околу 55 отсто од македонските граѓани не можат да си дозволат еднонеделен одмор, покажуваат анализите на статистичкиот портал Ландгеист, кој се базира на податоци на Еуростат.
Facebook Forum